ГУБИМЕ ЗЛАТНИ ДЕЦА КОИ ПРАВАТ СВЕТСКИ ВИДЕО-ИГРИ Еве ја приказната за македонските девелопери и нивните подеми

Иако бројот на гејмери веројатно е голем, само 10 отсто од луѓето кои имаат интерес да работат на видео-игри навистина го работат. Над 3.000 луѓе доаѓале на собиранките на МАГДА, но само 300 од нив останале да работат, а голем дел од нив не се веќе во Македонија. Целта е да ги задржиме и да им ја понудиме платата и условите кои ги заслужува една бранша која инаку во светот е највисоко платена во ИТ-секторот.

1,435

Непознат, а огромен е бројот на млади во Македонија кои не само што развиваат цели видео-игри туку и успеваат да заработат од тоа. И токму кога треба да ги задржиме со плата и услови за работа, тие бидуваат повлечени од некоја компанија во странство или пак решаваат да се пренасочат во други сфери како програмирањето. Во светот е обратно, гејм-девелоперите се едни од најплатените меѓу програмерите.

Бројката на луѓе кај нас и тоа колку се платени наскоро треба да биде обзнаена од Британскиот совет во проект на кој работи Даниела Спасовска од гејмерската асоцијација МАГДА. Таа се надева дека ова ќе ја натера Владата да одвои посебни пари или проекти за гејмингот во нашата земја. Двајца 16-годишни охриѓани ќе отпатуваат на светското првенство во Бразил на Game Jam Plus, вели таа за Плусинфо, но медиумите не знаат ништо за тоа. Тие со родителите ќе патуваат во Рио де Жанеиро.






– Играта ви е високо пласирана, мора да продолжите да ја развивате – ги бодреле од МАГДА.

МАГДА е предводена од актерот Гораст Цветковски и самиот гејм-ентузијаст, а ја водат само седум луѓе. Над 140 луѓе дошле на нивниот последен Гејм-џем собир на гејмери, а вакви собиранки се прават најмалку една деценија.

Најчесто доаѓаат средношколци и факултетлии. А потоа, заминуваат. Бидејќи со она што ќе го сработат во некои од нашите студија тие имаат портфолио за да можат да се вработат каде било во странство, смета Спасовска. Според неа, ситуацијата е ваква веќе 20 години.

– Луѓето уште сезонски работат на игри. Кога популарноста на одредена игра ќе се намали, студиото затвора, младите мора да се снајдат и заминуваат да го работат тоа во Германија, Англија… – вели таа.

Над 24 студија и неброени ентузијасти

Македонија брои барем 24 регистрирани врвни студија кои работат на игри и многу, многу фриленсери. Од студијата, четири можат да се издвојат по успесите. Најголемо од нив е израелската фирма Crazy Labs која вработува  над 130 луѓе, а работи hyper-casual игри за деца. Уште поживописна е приказната на IndiumGames и NapNok Games на Дајана Димовска, која сама отишла во Данска по средното образование за да го научи развивањето игри, а сега веќе потпишува со Нинтендо, Плејстејшн… Игрите на Индиум гејмс можете да ги купите и само за 12 долари.

Но, единствената причина што Димовска решила да ја врати фирмата од Данска во Скопје е кога таа и МАГДА решиле за првпат да ги соберат гејмерите за да се покаже дека Македонија има и луѓе и талент.

Студиото Intetic од Скопје има издадено две одлични епизоди на играта The strange story of Brian Fisher, a сите во гејмерските кругови шушкаат за тоа какви ќе бидат продолженијата. Студиото Workbench Entertainment веќе има две игри популарни меѓу нашите гејмери. Студиото Furious Avocado стана познато со игрите Tie Dye и Candle Craft.

Студиото  Dark-1 на Кристијан Трајковски од Скопје, прави игра…за Скопје. И тоа со бруталистичка архитектура од Скопје. Нивниот проект е единствен во моментов кој добил грант преку Фондот за иновации. За споредба, во Европа постојат цели програми, специјализирани фондови за игри, а целта е играта да биде општествено корисна или ќе даде нова вредност.

– На пример, во Холандија беше развивана игра со танцување, па луѓето кои ќе ја играат ќе можат да научат танго или други танцови – раскажува Спасовска додавајќи дека Македонци биле вклучени во нејзиното развивање.

Македонските игри да бидат брендирани како македонски

Главната цел на МАГДА ќе биде гејмерите да се задржат дома. А потоа, ако може и да се развие целата индустрија.

– Би било супер игрите кои младите ги прават да бидат брендирани како македонски игри. Зошто да работат во странство и да бидат под капата на американски, германски и други компании?

Но, иако бројот на гејмери веројатно е голем, само 10 отсто од луѓето кои имаат интерес да работат на видео-игри навистина го работат. Над 3.000 луѓе доаѓале на собиранките на МАГДА, но само 300 од нив останале да работат, а голем дел од нив не се веќе во Македонија.

Здрави навики, освен гејмање редовно да се спортува

Работите не се добри, но одат во нагорна насока. Гејмерството во земјава едноставно ќе го биде, бидејќи тоа неизбежно станува секојдневие на младите. Но, она што можеби ги загрижува родителите е една многу поважна работа, а тоа е здравјето на децата. Според Спасовка, постојат норми и закони како тоа може успешно да се регулира. Таа исто така разликува меѓу опсесивно играње, кога децата се изолираат и здраво играње, кога децата тоа го прифаќаат само како дел од своите активности.

– Ако детето се дружи и ако активно се занимава со некој спорт, тогаш не треба да се грижиме ако игра видео-игри. Проблемот настанува кога детето се изолира. Тогаш наеднаш игрите се одразуваат на вокабуларот. На пример, сретнуваме многу млади кои зборуваат само на англиски под влијание на игрите. Значи, мора паралелно да се занимаваме со спорт за да не закржлават грбот, па и прстите  – објаснува таа и додава:

– Треба многу да се внимава на возраста, односно која игра за која возраст е. Постои европски стандард кој треба да биде воведен во Македонија. Тоа е онлајн прирачник за родителите, кои треба да знаат дека играта за 16 години не е иста како за 6 години, бидејќи има многу повеќе насилство. За среќа, во моментов во Македонија не се развиваат насилни игри – нагласува Спасовска.

правила за рангирање на игри според возраста

Гејмерството не е само машка работа

МАГДА вложува многу во новите таленти. Тоа често се момчиња кои од мала возраст имале контакт со џојстикот, но и не мора да значи. Додека некои од нив се самоедуцирани, голем дел посетуваат курсеви за девелопмент и моделирање во неколку фирми во Македонија. Дури и во програмерските фирми, во слободно време или паралелно знаат да развијат по некоја конзола.

– Она што ние го правиме е кога ќе видиме дека некое момче е страстен гејмер и има голем талент да направи игра, веќе има претстава за гејм-плејот, за тоа што очекува во иднината, гледаме од нив да развиеме девелопери, бидејќи тие се тие кои ќе ги променат нештата кај нас.

Но, зошто велиме само момчиња, сигурно има и девојки? Спасовска ни открива токму преземањето од женска страна се случува во моментов.

– Постои една перцепција дека професијата е најмногу машка бидејќи во моментов најголемиот дел од гејмерите се мажи. Но, во светот постои тенденција да се привлечат што повеќе девојки да играат и да развиваат.

Всушност, во тимот на МАГДА веќе има три жени. Седуммината основачи Гораст Цветковски, Даниела Спасовска, Дајана Димовска, Петар Котевски, Тодор Петровски, Стево Лазаревски и Елена Котевска. Асоцијацијата која ги претставува повеќето гејмери во земјава се надева на засилена медиумска покриеност во македонските медиуми во иднина кога се очекуваат уште повозбудливи настани.

Поврзани содржини