ГТЦ ОСТАНА САМ НА ВЕКОВ Нема истрага од МВР, до ОЈО глас не допира

Нема ниту трага, ниту глас од директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, со кого се обидуваме секој ден да стапиме во контакт, но тој ниту одговара на нашите повици, ниту одговара на нашите прашања.

927

Веќе четврти ден јавноста е заинтересирана што точно се случувало во подрумските простории во ГТЦ, каде беше откриена фарма за копање на криптовалути за која се вели дека е во сопственост на браќата Бајрам, а за која на нелегален начин се снабдувале со електрична енергија.

Поради тоа поставивме прашања до Министерството за внатрешни работи, владата, како и до Основното јавно обвинителство, дали е продолжена истрагата, дали можеби е поведено некакво обвинение и кој е ставот владата во врска со директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски и дали ќе има негово разрешување.






Од МВР нè информираа дека според Правилникот за начинот на вршење на полициските работи донесен согласно Законот за полиција, во член 103, член 104 и член 105 се дефинирани постапувањата на полиција при добивање на пријава или сознание за кривично правен настан, како и во кои случаи се известува јавниот обвинител.

– Од причини што не е добиена пријава за кражба на електрична енергија од дистрибутерот на истата ниту од АД Градски Трговски Центар, како и од причини што во наведениот случај, ниту на самото место на настанот, ниту по извршените разговори со засегнатите страни, не е утврдено постоење на кривично дело, како и од причини што дејствијата на копање на крипто валути не претставуваат дејствија кои се вбројуваат во кривични дела или прекршоци, не постои основ за преземање на дополнителни активности од страна на полицијата ниту постапување по член 282 до Законот за кривична постапка кој вели дека полицијата го известува јавниот обвинител по прием на кривична пријава или добиено сознание за постоење основи на сомневање дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност – велат од МВР за Плусинфо.

Оттаму додаваат дека Кривичното дело „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ предвидено во член 235-а од КЗ најчесто е проследено со појава на дефекти на места каде се инсталираат компјутери за таа намена, а се лоцираат и преку систем за анализа на потрошувачката, како и со контроли на напојни точки каде што енормно е зголемена потрошувачката, а истата не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите, што е единствено можно да се констатира од страна на дистрибутерот на електрична енергија.

Прашања поставивме и до Основното јавно обвинителство дали се запознаени во врска со случајот со копањето на криптовалути во ГТЦ, кој е ставот на Обвинителство и дали ќе биде отворен случај по допрен глас.

– До овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесена кривична пријава од оштетено физичко или правно лице, ниту известување за настанот за кој покажувате интерес – велат за Плусинфо од ОЈО.

Во текот на вчерашниот ден поставивме прашања и во Владата за случувањата во ГТЦ, затоа што тоа е акционерско друштво во сопственост на државата. Дали можеби се размислува за разрешување на директорот Ѓоко Трајчевски, затоа што според неговата единствена изјава не знаел што се случувало во неговиот „двор“, што е многу чудно.

До објавувањето на овој текст, одговор од македонската влада не добивме.

Нема ниту трага, ниту глас од директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, со кого се обидуваме секој ден да стапиме во контакт, но тој ниту одговара на нашите повици, ниту одговара на нашите прашања.

Инаку, портпаролот на опозицијата, Димче Арсовски исто така јавно запраша, зошто и кој ги крие случувањата во ГТЦ, каде според нив имало копањето на криптовалути се вршело на нелегален начин со кражба на електрична енергија, а истата ја плаќале сопствениците и закупците на деловен и магацински простор во трговскиот центар.

– Во сред ГТЦ во подрумите зад мене, се копало криптовалути нелегално неколку години откако е СДСМ дојдено на власт, се копало со крадена струја, а МВР не сака да преземе никаква одговорност и ги штити криминалците. Директорите на ГТЦ, коалицискиот партнер на Заев, семејството Бајрам, и МВР се соучесници во овој сериозен криминал кој тежи стотици илјади евра украдена струја. А, нормално мора да е одобрен од Зоран Заев. Сите треба да одговараат кривично, бидејќи 3 години штителе криминал и крадење на струја, бидејќи и самите тие се соучесници во овој случај. Додека МВР, Ѓоко Трајчевски и Трајанка Тасевска молчат, тоа е доволна потврда дека се замешани во сериозен криминал и се фатени живи. Одговорност, но и надомест на штета мора да има – истакнува Арсовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги прашуваат претставниците на власта од чии пари е плаќана струјата за битмајнерите во ГТЦ.

– Дали во ГТЦ имало околу 200 битмајнери и дали дневната потрошувачка на струја била и до 10 мегавати? Дали дневно само заради задоволување на потребите на струја за овие битмајнери е трошена струја во вредност од над 40.000 денари, односно 1.200.000 денари месечно? Дали последната година за струја за битмајнерите во ГТЦ е платено над 240.000 евра и кој ги платил тие пари? Дали овие пари ги платиле сите дуќанџии во ГТЦ, со поголеми сметки и кој ќе ги обесштети – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини