Групацијата Балфин го носи „Акор“ на Балканот
Хотелот ќе има 112 соби и ќе биде лоциран во Паласа, Валона. Првите туристи ќе ги прими во април 2024 година.
„Акор“, еден од водечките хотелски синџири во светот, и албанската компанија „Грин коуст“ која е дел од групацијата Балфин потпишаа ексклузивен договор за соработка и развој на првиот хотел „М Галери“ на албанската ривиера. Хотелот ќе има 112 соби и ќе биде лоциран во Паласа, Валона. Првите туристи ќе ги прими во април 2024 година.
Проектот ќе биде од исклучително значење за развојот на туризмот во Албанија и ќе ја постави земјата на интернационалната туристичка мапа. Уникатниот „М Галери“ бутик-хотел ќе биде првиот на Јонскиот брег и на Медитеранот и ќе нуди луксузни соби и апартмани во кои ќе бидат споени локалната традиција и современата модерна естетика. Барови и ресторани, спа и приватната плажа ќе создадат ексклузивна премиум-дестинација за сите посетители.
– Албанија е скриениот дијамант на Балканот со неверојатни, живописни дестинации, вистински фасцинантна земја. Среќни сме што го носиме тука брендот „Акор“, со желба што е можно повеќе туристи да ги откријат нејзините убавини. Колекцијата бутик-хотели „М Галери“ ги презентира локалната култура, традиција и историја во луксузно опкружување. Веруваме дека првиот „М Галери“ хотел во Албанија ќе ги освои срцата на посетителите благодарение на атмосферата и локацијата, која е идеално место за одмор – вели Дилек Сезер, директор за развој за Југоисточна Европа во „Акор“.
За развој на концептот за хотелот избрано е престижно архитектонско студио од Белгија. Изградбата се очекува да почне во последниот квартал од 2021 година.
„Грин коуст М Галери“ ќе понуди низа различни простори за посетителите, како ресторан, лоби со ексклузивен поглед на природа, ВИП салон, ВИП клуб, сали за прослави и за конференции, базен, како и посебен простор во делот на плажата. Се очекува дека хотелот ќе биде нова интернационална дестинација, каде што културата, уметноста и историјата ќе може да се допрат и каде што ќе се доживуваат импресивни искуства.
Во изминатите две години Албанија ја посетиле повеќе од 8 милиони туристи, а побарувачката за квалитетни и премиум услуги расте.
– Овој договор претставува голем чекор за туризмот во Албанија. Конечно, конкурираме за премиум дестинација на Медитеранот, преку „Грин коуст рисорт и резиденции“, кој е веќе готов, и со бисер како што е хотелот „М Галери“. Ние, како дел од групацијата Балфин, сме горди на нашите напори и придонес за развој на туризмот и на економијата во Албанија – вели Ардиана Соколи, потпретседателка за недвижен имот во Балфин.
Колекцијата „М Галери“ вклучува бутик-хотели, секој со свој оригинален стил и уникатна приказна. Секоја дестинација нуди необично искуство инспирирано од традицијата на локацијата, доживување незаборавни моменти и создавање спомени за паметење. Денес „М Галери“ располага со повеќе од 100 бутик-хотели на триесетина локации низ светот. Во центри на метрополи или крајбрежја, среде живописна природа и извонредни глетки, хотелите „М Галери“ ги канат посетителите да го истражуваат светот и неговиот раскош.
Групацијата Балфин, во чии рамки е и „Грин коуст“, е една од најзначајните и најуспешните инвестициски групации во регионот на Западен Балкан. Освен во областа на туризмот, компаниите што се дел од групацијата работат на полето на развој и менаџмент на недвижнини, малопродажба, рударска индустрија, банкарство, енергетика, логистика итн. Групацијата е присутна во Австрија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Холандија, како и во Македонија преку компаниите „Скопје Ист Гејт“ и „Нептун“. Во сите овие земји Балфин вработува над 6.000 лица. Групацијата континуирано расте и овозможува долготрајно, одржливо унапредување на заедниците преку економски развој.