Груби: Признавам дека направивме грешка, ги повикувам институциите да изречат мерки
Вицепремиерот во изјава за Канал 5 вели дека ја прифаќаат одговорноста, бидејќи со фотографијата испратиле погрешна порака до граѓаните.
Вицепремиерот Артан Груби призна дека била направена грешка со објавата на фотографијата на која се гледа како петнаесетина функциониери од ДУИ седат еден покрај друг, без маски и без дистанца.
Тој во изјава за Канал 5 вели дека ја прифаќаат одговорноста, бидејќи со фотографијата испратиле погрешна порака до граѓаните.
– Преземаме целосна одговорност, подготвени сме да ги сносиме последиците и почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин. Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да сме пример и да предводиме со дела во сè што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност – вели Груби.
За овој случај од МВР велат дека во координација со Државниот инспекторат за труд и Јавното обвинителство преземаат мерки и активности за негово расчистување, по што ќе следат соодветни поднесоци.