ГРУБИ МУ ИСПЛАТИЛ НА ЕТЦ ТРАВЕЛ НАД МИЛИОН ДЕНАРИ? Од ВМРО-ДПМНЕ посочија на документ од Отворени финансии
Фирмата на Ветон Груби има и други исплати во висина од над 1 милион денари од Владата во период 2020 до 2021 година, се вели во соопштението до јавноста.
Документ од „Отворени финансии“ според ВМРО-ДПМНЕ е доказ дека министерот и вицепремиер Артан Груби директно ѝ исплатил 21.328 денари на фирмата ЕТЦ Травел на неговиот брат Ветон на 25 февруари годинава.
„Фирмата на Ветон Груби има и други исплати во висина од над 1 милион денари од Владата во период 2020 до 2021 година“, се вели во соопштение на партијата до јавноста.
„Исплатата на буџетски пари од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците каде министер е Артан Груби кон ЕТЦ ТРАВЕЛ на братот Ветон Груби е директна корупција, злоупотреба на позицијата и судир на интереси. Артан Груби наместо да измислува нови лаги и изговори, треба веднаш да си поднесе оставка, а институциите да отворат случај.
Ова е само врвот на сантата мраз наречена корупција на чие чело е Артан Груби, а која се гледа по смешната цена за која брат му Ветон Груби купил дуќан на улица Македонија за 700 евра по метар квадратен, а завршува со надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10д тежок 22 милиони евра“, се додава во прогласот на ВМРО-ДПМНЕ.
На денешна пресконференција портпаролката Марија Митева порача и дека Груби треба да работи во својот двор во врска со уставните измени, бидејќи, наводно, шестмина пратеници од СДСМ биле против да гласаат, а еден пратеник од ДУИ дури побарал пари за да гласа за промена на Уставот.