Три партии ја одбија средбата за пописот, па Груби ја откажа
На средбата главна тема треба да биде пописот, но според информации од партиите засега само владиниот партнер Беса на Груби му го потврдил присуството на состанокот, додека генералните секретари на владејачката ДПА, како и на опозициските Алијанса и Алтернатива не го потврдиле нивното присуство.
Нема да се одржи средбата закажана за денеска од организацискиот секретар на ДУИ и прв вицепремиер Артан Груби со генералните секретари на партиите на Албанците, Беса, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Аријанит Хоџа, Сали Ајдини, Арбен Таравари и Скендер Реџепи во Клубот на пратениците, дознава Плусинфо.
На средбата главна тема требаше да биде пописот, но според информации од партиите засега само владиниот партнер Беса на Груби му го потврдил присуството на состанокот, додека генералните секретари на владејачката ДПА, како и на опозициските Алијанса и Алтернатива не го потврдиле нивното присуство.
– Поканата е од минатата недела и јас го потврдив моето учество на состанокот – ни изјави Аријанит Хоџа ген-сек на Беса и министер за земјоделие.
Генералниот секретар на Алтернатива за Плусинфо изјави дека доцна му текнало на Груби да организира состанок за пописот и според тоа, нема потреба да присуствува на средбата.
– Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива веќе оформи штабови кои се задолжени за сензибилизација и помош на граѓаните во врска со пописот. Нема потреба од средба со Груби – ни изјави Скендер Реџепи од Алтернатива.
И од Алијанса за Албанците најверојатно нема да присуствуваат на состанокот закажан од Груби.
Интересно е дека и владиниот партнер ДПА го одби Груби за средба за пописот.
– Нема да учествуваме на средбата бидејќи ДПА има мал број гласачи и не сакаме да преземеме одговорност. Одговорноста е според пропорционалноста на гласовите, односно пратениците – изјави Сали Ајдини, генерален секретар на ДПА.
Неофицијално, Груби размислувал да ја откаже средбата откако само од Хоџа добил потврда дека ќе присуствува, а другите генерални секретари не му одговориле.
Во поканата до медиумите испратена од Груби се вели дека состанокот со секретарите на албанските политички партии треба да се одржи денеска во 11 часот. Во соопштението се наведува дека секретарите на ДУИ, Беса, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе бидат присутни на средбата.
Коментарите на дел партии на Албанците се дека ДУИ средбата ја организира контра денешната тет-а-тет средба помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, бидејќи се изоставени лидерите на партиите на Албанците. Од партиите прашуваат во кое својство Груби свикал средба за пописот, кога не е надлежен за таа проблематика и му порачуваат да се занимава со внатрепартиските проблеми на ДУИ.
Кусо по закажаната средба од ДУИ соопштија дека поради непотврдување на присуството од страна на опозициските политички партии Алијанса за Албанците и Aлтернатива на средбата за координација
за пописот, средба на секретарите на албанските политички партии во Република Северна Македонија е откажана.
– Ја информираме јавноста дека нашата врата за соработка останува отворена и секогаш сме подготвени да седнеме на маса за доброто на нашите граѓани – напиша Груби.