„Министрите за попис“ на државен трошок ја сензибилизираат албанската дијаспора и одбројуваат

Нема две дијаспори, една е. Апелирам да се попишат сите наши граѓани кои привремено работат и живеат во странство, вели Груби за Плусинфо, но неговите објави говорат спротивно.

1,604

Министрите Бујар Османи и Артан Груби растрчани во регионот и во Европа водат силна кампања за попишување на албанската дијаспора. Иако двајцата негираат дека повикуваат да се попишат само албанските иселеници факт е дека нема информации за нивни средби со македонската дијаспора, а посетите во Швајцарија, Приштина и во Тирана се искористени за апел да се самопопишат албанските иселеници. Со исклучок на едно видео, нема објави за средби на кои се апелира до македонските иселеници да се самопопишат. Истовремено, нивните страници на Фејсбук се преполни со изјави и повици на политичари и функционери Албанци од соседството во врска со пописот во земјава.

Сево ова го отвора и прашањето за одговорноста на двајцата функционери, чии официјални посети во странство во кои доминира агендата за пописот, се платени со државни пари. Во кое својство двајцата функционери ги одржале средбите со политичари, функционери и иселеници Албанци, и зошто од час во час на социјалните мрежи објавуваат информации за тоа колку луѓе од дијаспората се самопопишале?






Иако побаравме, досега не добивме одговор од Владата кој е нејзиниот став дека министрите користат официјални посети за лобирање за попис исклучиво на една етничка група, дека немаат средби со македонската дијаспора и дали станува збор за злоупотреба на функцијата и каква одговорност ќе понесат.

Груби за Плусинфо негира дека лобирал да се самопопише само албанската дијаспора. Тој не одговара зошто официјалните посети ги користи за партиска и етничка агенда.

– Нема две дијаспори, една е. Апелирам да се попишат сите наши граѓани кои привремено работат и живеат во странство – вели Груби за Плусинфо.

Но дали е така?

На официјалната страница на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со кое раководи првиот вицепремиер Груби од средбите со политичари и функционери од Косово има изјави и апели само за попишување на албанската дијаспора. При средбата на Груби со лидерот на ААК Рамуш Харадинај се разговарало и за пописот.

– Харадинај има посебна тежина затоа што е учесник во главното прашање за слободата на Косово и во регионот, затоа неговото искуство во оваа соработка на албанската дијаспора ни помага во нивната мобилизација во земјите ширум светот каде што живеат нашите семејства за да можеме и денес да си помагаме и да ги поттикнеме Албанците да се попишат. Правата на населението зависат и од Уставот, секако и од процентот, иако ве убедувам дека правата се неповратни – изјавил Груби по средбата со Харадинај.

Харадинај, пак, покрај апелот за самопопишување рекол дека пописот ќе ѝ помогне не само на Република Северна Македонија, туку и на целиот регион.

– Имаме многу за што да разговараме затоа што ги делиме истите чувства и вредности и овој пат тој (мисли на Груби) е дојден со конкретно барање, за да се мобилизираме сите и да се освестиме за пописот на албанското население што живее и работи во дијаспората. Ова е јасен процес и лесен и со ова тие си помагаат себеси, на татковината и на целиот регион – изјави Харадинај.

Груби на Фејсбук објави и видео со Харадинај  од прес конференцијата за пописот во Македонија.

И на средбата на Груби со лидерот на Социјалдемократската иницијатива Фатмир Лимај добил поддршка за пописот на Албанците. На средбата со новиот лидер ДЛК, партија која има најголема структура во дијаспората, Лумир Абдиџику, Груби добил логистичка поддршка за пописот. Груби објаснил дека пописот во Македонија е и политички процес и дека затоа бара поддршка.

Груби на средба со в.д. претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, побарал таа да ја повика албанската дијаспора позитивно да одговори на процесот на попис на населението. Таа ветила максимална сензибилизација на албанската дијаспора за пописот во Македонија.

Еднакви пораки за поддршка и лобирање за попишување на албанските иселеници Груби добил и на средбите со в.д. претседателот на ПДК, Енвер Хоџај.

Денеска и утре пак, Груби е на средби во Тирана, како што вели, речиси со сите и со лидерите на власта и со тие на опозицијата. Тој денеска во Тирана се сретна со претседателката на Социјалистичкото движење за интеграција Моника Криемади од која побарал преку структурите на нејзината партија да ја повика дијаспората на Северна Македонија да се попише на пописот што започна на 1 март.

Двајцата соговорници се согласиле дека сега е време целата дијаспора од Северна Македонија да ја исполни својата должност и да придонесе за, како што се вели во соопштението, доброто на сите граѓани не само во Северна Македонија, туку и на целиот регион.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи при посетата на Швајцарија минатата недела исто така остварил средби со албанската дијаспора на кои апелирал за самопопишување.

Сепак, тој за разлика од Груби постира и видео од средба на која имало и иселеници Македонци.

Денеска Османи најави дека во Брисел ќе биде првиот шеф на македонската дипломатија што учествувал на Советот на министри за надворешни работи на НАТО со физичко присуство. Истовремено, Османи вели дека посетата на Брисел ќе ја искористи за лобирање, односно за зголемување на бројот на попишани во дијаспората. Османи вели дека тргнува рано за да го искористи денот да се сретне со наши граѓани и здруженија.

И Османи и Груби на официјалните Фејсбук страници постојано ги пребројуваат самопопишаните. Последната објава на Груби е дека за едно деноноќие се самопопишале 23.000 државјани на Македонија што живеат во странство и дека со тоа бројката на лица од дијаспората што се попишале надмина 100.000.

Поврзани содржини