ГРУБА ИЗМАМА И ПРИСТРАСНОСТ Одбраната на Камчев бара изземање на обвинителката Лиле Стефанова (ВИДЕО)
Дејствијата коишто се ставаат на товар како евентуално учество во прикривање или на било кој начин располагање со средства од некое казниво дело за Јордан Камчев и Ратка Камчева се однесуваат за период до 21.10.2015. Така што, апсурдно е да се смета дека на 31 август можел да биде земена изјава од Груевски за нешто што би се случувало во наредните 2 и пол месеци, вели Еленко Миланов, адвокат на бизнисменот Орце Камчев.
Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев, кој е петтообвинет во предметот „Плацеви на Водно“, ќе бара изземање на јавната обвинителка Лиле Стефанова поради нејзината пристрасност во постапката, но и поради скандалот со подметнувањето фалсификувана изјава на експремиерот Никола Груевски, кого таа ниту го видела, ниту го сослушала во истрагата што ја водела.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти адвокатот Еленко Миланов, кој додаде дека одбраната поседува реални основи да се сомнева во пристрасноста на обвинителката.
– Сметаме дека има реални основи за сомневање во нејзината непристрасност, односно пристрасност, затоа што истиот јавен обвинител ја води и постапката во случајот „Империја“, постапка којашто беше инфицирана со одредени недозволени дејанија на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО), каде што таа беше единствен обвинител, а другите беа полношници. Распитот на Никола Груевски пред ОЈО е направен на 31 август 2015 година. Дејствијата коишто се ставаат на товар како евентуално учество во прикривање или на било кој начин располагање со средства од некое казниво дело за Јордан Камчев и Ратка Камчева се однесуваат за период до 21.10.2015. Така што, апсурдно е да се смета дека на 31 август можел да биде земена изјава од Груевски за нешто што би се случувало во наредните 2 и пол месеци – вели Миланов.
Тој додаде дека никој не тврди дека изјавата од Груевски е земена незаконски, но како што вели, изјавата е земена законски во ОЈО по поднесена кривична пријава во предистражна постапка, но е земена за сосема друга правна квалификација со што не може да се користи во делот на обвинување за кривично дело перење пари.
– Таа правна квалификација пред тоа обвинителство за перење пари воопшто не може да биде земена. Таа во таа постапка е земена во врска со евентуални сомнежи затоа што е пред истрага за сторено кривично дело злоупотреба, а тоа се две сосема различни кривични дела кои имаат сосема различни описи на нивните дејствија и криминирани елементи на сторување на кривичното дело. Ве молам да правиме разлика – незаконито и неможност за таквата изјава да биде користена во оваа постапка. Веројатно затоа и не знам дали ќе одиме со барање за изземање во однос на судијата, бидејќи сметам дека тој е во ситуација кога не го поседува, не знам колку тоа воопшто може да биде правно аргументирано како основано барање, така што ќе видам како ќе оди понатамошниот тек на постапката. Таа изјава не е ни доказ, проблемот е во тоа што ќе се суди во отсуство на лице коешто никогаш не е сослушано. Според состојбите во овој момент, никогаш нема да биде сослушано за оваа правна квалификација, а не станува збор за скратена постапка затоа што таквото нешто го дозволува законот. Во постапките каде што се заканува казна над 5 години како можност за изрекување, воопшто не е дозволено водење на кривичната постапка согласно овој закон бидејќи ќе треба да осудите човек којшто никогаш не можел да каже ниту збор за она што му се става на товар – вели Миланов.
Плусинфо веќе еднаш објави за големиот скандал што се откри на последната сесија на Кривичниот суд кога се дозна дека јавната обвинителка Лиле Стефанова со фалсификуван доказ го затворила предметот и на Судот кој го оценувал обвинителниот акт му подметнала изјава на Никола Груевски, кого таа ниту го видела, ниту го сослушала во истрагата што ја водела. Имено, за да не ѝ пропадне обвинението за „Плацеви на Водно“, зашто во истрагата не е сослушан првообвинетиот Никола Груевски, обвинителката Лиле Стефанова се послужила со груба измама – ископала стара изјава на Груевски од 2015 година, ја сменила ознаката од РО во КО и ја вметнала во доказите. Судиите кои го оценувале нејзиниот обвинителен акт не ја забележале оваа божемна „техничка грешка“.
Вчера, пак, новинарот Горан Момироски во својата колумна ги откри имињата на тројцата судии кои го одобриле фалсификатот на Стефанова.
„Софче Гаврилова-Ефремова, Огнен Ставров и Васка Николовски-Масевска се имињата на судиите членови на Советот за оценка на обвинителниот акт на обвинителката Лиле Стефанова кои не ги отвориле списите од предметот ‘Плацеви на Водно‘ и не виделе дека некој им подметнал фалсификуван доказ со што грубо влијаел на постапката“, пишува новинарот Горан Момироски за Експрес.
Тој вели дека сите тројца судии сега се соочуваат со опасност поради тоа што не навлегле подлабоко во тврдењата на приговорот од одбраната да бидат виновни што по долг процес и дејствија и направени огромни трошоци ќе пропадне процес кој немал правна основа.