НАРОДОТ ГИ ЧУВА ЗАВЕТИТЕ НА КИРИЛ И НА МЕТОДИЈ Премиерот им го честиташе празникот на МПЦ-ОА и на државниот универзитет „Кирил и Методиј“
Македонскиот народ со особена грижа и верност ги чува заветите оставени како аманет од сесловенските просветители, чие дело е подеднакво вредно и корисно за целокупното човештво. Да продолжиме по нивните стапки и со мудрост да носиме подобри времиња за сите!, напишал премиерот во честитката.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, испрати телеграма со честитки до Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
„Ваше Блаженство, Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан. Во мое лично име и во името на Владата на Република Северна Македонија, Вам, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во нашата земја Ви го честитам големиот празник Денот на Светите рамноапостолни Кирил и Методиј. Македонскиот народ со особена грижа и верност ги чува заветите оставени како аманет од сесловенските просветители, чие дело е подеднакво вредно и корисно за целокупното човештво. Да продолжиме по нивните стапки и со мудрост да носиме подобри времиња за сите! Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј!“, напиша премиерот Ковачевски во честитката до г.г. Стефан, како и до членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, до свештенството и монаштвото, како и на сите православни верници во нашата земја.
„Почитуван ректор на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски,
Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Северна Македонија вам како ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите и на сите студенти да ви го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј и патрониот празник на УКИМ.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е нераскинлив дел од историјата на Северна Македонија како прв државен универзитет во нашата земја.
УКИМ ја исполнува својата мисија на еден од столбовите на нашата државност и како достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на Светите браќа Кирил и Методиј.
За одбележување е посветеноста на УКИМ во негувањето и чувањето, но и на меѓународната афирмација на вредности на македонскиот народ и македонскиот јазик, на нашата историја, литература и култура, како и на културните вредности на сите други етнички заедници во Северна Македонија.
УКИМ е автономен вруток на знаењето, науката и образованието, обезбедува наставна, научна и апликативна дејност во природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки и во уметностите.
Ве уверувам дека јас како Премиер, и оваа Влада, остануваме посветени на активната поддршка на развојот на универзитетската и на образовната дејност.
Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј!