Грета Тунберг ја доби наградата за хуманост на фондацијата Гукбенкијан
Активистката, која е прва која ја прима оваа награда, беше избрана меѓу 136 номинирани од 43 земји.
Грета Тунберг ја доби наградата за хуманост на португалската Фондација Гукбенкијан, а со неа и награда од милион евра, јави ДПА .
Шведската еколошка активистка (17 ) ја доби наградата за нејзината борба против климатските промени и еколошките кризи, се наведува во денешното соопштение на фондацијата.
Тунберг својата благодарност ја изрази на Твитер.
„Ова многу ми значи, и се надевам дека ќе ми помогне да направам повеќе добрини во светот“, наведе таа во видеото објавено на нејзиниот налог на социјалната мрежа, пренесе германската агенција.
Активистката, која е прва која ја прима оваа награда, беше избрана меѓу 136 номинирани од 43 земји.
Претседателот на жирито, Хорхе Сампајо, кажа дека мнозинството членови на жирито гласале за Тунберг.
– Начинот на кој Грета Тунберг успеа да ги мобилизира помладите генерации за климатската кауза, како и нејзината решителна борба за промена на статус кво-то што тврдоглаво се спротивставува на промените, што ја прави една од најнеобичните личности на денешнината – рече Сампајо.
Тунберг рече дека паричната награда ќе биде донирана преку Фондацијата Тунберг на организации и проекти што работат за борба против климатските промени и еколошката деградација, особено на југот, каде што луѓето се најмногу погодени, пренесе ДПА.