ГРЕШНИТЕ ИЗВЕСТУВАЊА ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ЌЕ СЕ КОРИГИРААТ ЗА 24 ЧАСА Тошковски убедува дека со внес на матичен број се спречува доставување податоци на погрешно лице

Министерот за внатрешни работи вели дека и покрај современата технологија, можни се технички грешки поради надворешни фактори како светлина, временски услови или други околности што може да влијаат врз читањето на регистарските таблички. грешки може да има.

294

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред стартот на проектот „Безбеден град” изјави дека е можно е граѓаните да добијат известување или записник што не се однесува на нивното возило или на прекршок што тие не го сториле.

Тој, тоа го објасни со фактот дека дел од податоците за сопствениците на возила во постојните евиденции може да бидат неточни, што може да се должи на претходно доставени погрешни информации од граѓаните или на грешки при внес во системите.






– Секој граѓанин кој ќе забележи несогласување во податоците ќе има право да се обрати во која било полициска станица и да пријави дека станува збор за грешка – дека возилото не е негово, дека не управувал тој или дека има друг вид неточност. Согласно законски утврдена процедура, Министерството за внатрешни работи во рок од 24 часа ќе изврши проверка и корекција на податоците, а граѓанинот ќе добие известување дека нема да биде прекршочно гонет доколку не го сторил прекршокот – рече Тошковски во гостување на МТВ.

Тој нагласи дека во новиот систем е воведен и дополнителен механизам за заштита на личните податоци.

По добивањето на СМС-известување за сторен сообраќаен прекршок, граѓанинот ќе треба преку линк да пристапи до записникот, при што за преземање на документот ќе биде потребно внесување на матичен број. Со ова се овозможува дополнителна автентикација и проверка на веродостојноста на податоците, со цел лични информации да не бидат доставени на погрешно лице.

Тошковски потенцираше дека, и покрај современата технологија, можни се технички грешки поради надворешни фактори како светлина, временски услови или други околности што може да влијаат врз читањето на регистарските таблички.

Во такви случаи, граѓаните повторно ќе имаат можност да побараат исправка, која ќе биде извршена во најкус можен рок.

-Не постои совршен систем и не тврдам дека нема да има грешки. Ќе ги има, но тие ќе се коригираат. Овој систем е значително подобар од она што го имавме досега, а неговата основна цел е да спасува животи и да обезбеди поголема безбедност во сообраќајот. Важно е одговорност да сноси оној што го сторил прекршокот- рече Тошковски.

Проектот „Безбеден град” претставува дел од пошироките напори на Министерството за внатрешни работи за дигитализација, зголемување на транспарентноста и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Поврзани содржини