Гренланд и крајот на НАТО

Но гласот на жителите на Гренланд слабо се слуша. И неделава, кога Данска свика итен состанок за да се справи со повторените барања на Трамп, на состанокот не присуствуваше ниту еден Гренландец. Островско население со поделени ставови и гледишта ја следи меѓународната битка за нивната земја.

1,760

„Данска, во однос на нејзиното население, имаше повеќе смртни случаи во Авганистан отколку САД“, истакна данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен на турбулентниот самит на Алијансата во Брисел во 2018 година, кога американскиот претседател Трамп се закануваше дека ќе го напушти НАТО затоа што другите земји-членки трошат премалку за одбрана.

Расмусен тогаш беше дански премиер и на споменатиот самит реагираше со потсетување дека кога се инсистира на поделба на трошоците не станува збор само за пари, туку и за жртви и човечки животи. Данска беше еден од најверните НАТО-сојузници на САД уште од самите почетоци на формирањето на Алијансата пред повеќе од 75 години.






На прашањето дали данскиот државен врв има доверба во Трамп, Расмусен деновиве не одговори директно, настојувајќи притоа да ја означи сериозноста на ситуацијата на најсоодветен начин: „Ние целосно му веруваме на нашето членство во НАТО.“

Данската влада се обидува да се спротивстави на широк фронт против потезите што ги влече американскиот претседател Трамп во врска со Гренланд. Но едно е сигурно, политичките лидери во Копенхаген длабоко во себе чувствуваат дека се изневерени од страна на Вашингтон.

Данската премиерка Мете Фредериксен во изминатите денови постојано јасно ставаше до знаење дека Трамп е сериозен во врска со своите планови да ја преземе контролата врз Гренланд (автономна територија во рамки на Кралството Данска), нагласувајќи дека нејзината влада не може да ја промени американската позиција, така што „мора да се залагаме за својот став и гледиште“.

Без оглед на бескромписноста што ја искажува Фредриксен, многумина веројатно би можеле да повлечат паралели со библиската приказна за Давид и џинот Голијат, или со стриповите за Астерикс и храбрите Гали кои се борат против Римското Царство. Но, конфликтот меѓу Данска и САД не е бајка. Тоа е сурова и горчлива реалност.

За време на војната против тероризмот, Копенхаген беше можеби најлојалниот и најдоверлив сојузник на САД. Токму оттаму е и горчината во реакциите од Данска, при што се укажува на празнините и нелогичностите во реториката на Трамп. Белата куќа тврди дека на САД им е потребен Гренланд за да се справат со заканите од Кина и од Русија на Арктикот. Но, Данска веќе има безбедносна соработка со САД преку НАТО и цврсти определби дека военото присуство на островот треба да се зголеми. Во Копенхаген тврдат дека во однос на тоа не се разликуваат многу од ставовите на Американците.

Данската влада во крајна линија избира да заземе тврд став. Мете Фредериксен дури сугерира дека НАТО би можел да се распадне, доколку САД изберат да нападнат друга земја членка на НАТО. „Тогаш сè ќе престане“, вели таа со решителен глас.

Но што, всушност, би значел еден таков радикален чин за европската безбедност, во случај САД сепак го анектираат Гренланд? Иако многумина не се склони да веруваат во можностите да дојде до таков исход, дали, сепак, доколку се случи воена анексија, таа во принцип би можела да го уништи НАТО и значајно да ги наруши трансатлантските односи. Со оглед на тоа дека се во прашање две НАТО-членки, имајќи го предвид членот 5 (напад врз една земја-членка на НАТО треба да се смета за напад врз сите земји-членки на НАТО), тоа би создало уште поголема неизвесност. Нема сомнение дека тоа би ги влошило условите за помалите држави кои го почитуваат меѓународното право, и кои сметаат дека се подобро заштитени на таков начин.

Конфликтот меѓу САД и Данска околу Гренланд има само едно решение, според познатата исландска пејачка Бјорк: а тоа е – независност. Во објава на Инстаграм, таа изразува стравување дека жителите на Гренланд во спротивно ќе завршат во канџите на уште еден „суров колонизатор“.

Бјорк повлекува паралели со историјата на нејзината земја, нагласувајќи дека Исланѓаните се исклучително олеснети што успеале да се ослободат од Данците во 1944 година, и дека не го изгубиле својот јазик. И Гренланд исто така беше данска колонија до 1953 година. Од 1979 година, е самоуправна територија. Самоуправата беше продлабочена во 2009 година, кога гренландскиот беше признат како службен јазик, а на жителите на островот им беше дадено право на природни ресурси. Истите тие ресурси сега се привлечни и за Трамп.

Но гласот на жителите на Гренланд слабо се слуша. И неделава, кога Данска свика итен состанок за да се справи со повторените барања на Трамп, на состанокот не присуствуваше ниту еден Гренландец. Островско население со поделени ставови и гледишта ја следи меѓународната битка за нивната земја. Мнозинството Гренландци, според доброупатените познавачи на состојбите на островот, веројатно не сакаат ниту еден од оние што се борат за нив да победи. Тие сакаат вистинска независност.

Сепак, во изборот помеѓу „чума и колера“ – САД и Данска – се верува дека мнозинството жители на Гренланд – и покрај сите недостатоци – би ја избрале сегашната данска влада, поаѓајќи од сфаќањата, меѓу другото, дека нордискиот систем за социјална помош е подобар од американскиот за многумина. Но, во пракса, како што смета Клаус Георг Хансен, истражувач и филмски автор кој живее Нук, главен град Гренланд, тешко е да се верува дека на населението ќе му се даде каков било избор. Премногу е доцна, вели тој, бидејќи Доналд Трамп нема да се откаже.

Што се однесува до Европа, по сѐ изгледа дека единствената карта која ѝ остана на ЕУ е да постигне единство и решителност со конкретни чекори. Во последните години сѐ понагласено созрева сознанието дека геополитичкото затишје по падот на Берлинскиот ѕид ѝ овозможи на Европа да игра независно, без да биде во суштина таква. Енергијата беше обезбедувана преку евтин руски гас, а безбедноста ја обезбедуваше американското оружје. Сè додека ова функционираше, Европа можеше да изгледа како независен актер. Но, она што политичката елита го гледаше како трајно решение, гледано ретроспективно, станува сѐ повеќе јасно дека се покажа само како начин да се купи време.

Францускиот претседател Макрон во своето обраќање пред амбасадорите во Париз ги обвини САД дека ги напуштаат своите сојузници и не ги почитуваат меѓународните правила што ги промовираа до неодамна.

Малите земји можеби немаат голем избор пред амбициите и апетитите на големите воени сили. Посебно доколку флагрантно се прекршуваат и ноншалираат воспоставените меѓународни правила. НАТО-членката Данска преку премиерката Мете Фредериксен ја отфрла идејата за „преземање“ на Гренланд и ги повика САД да престанат да се закануваат на историски близок сојузник.

Изборот кој може да се направи не е голем. На тврдо треба да се удри токму на истиот начин – со тврдо. Токму затоа Фредериксен предупредува дека доколку САД и покрај сѐ решат да нападнат НАТО-членка, тогаш тоа не би можело да заврши поинаку освен да го означи распадот на Алијансата. И нејзиниот крај.

Поврзани содржини