ГРДНИ ПАРИ ЗА ОСВЕТЛУВАЊЕ, БРЗИ ДИПЛОМИ ИЛИ БРЗИ КОЛИ Што му „пресуди“ на Рамиз Мерко да се најде на црната листа на САД?
Станува збор за изнуда и кражба на милиони евра од буџетот на граѓаните на Струга од страна на двојката Рамиз Мерко – Армен Кадриу, а тоа трае неколку години преку една сомнителна концесија со многу законски прекршувања, склучена меѓу општина Струга и приватната фирма за јавно осветлување Сити лајт – обвини своевремено Алијанса за Албанците.
Одлуката на Стејт департментот да го стави на тнр. Црна листа градоначалникот на Струга Рамиз Мерко ја возбуди политичката јавност, предизвика лавина реакции и коментари, но не и од официјалните државни органи. Досега ниту од соопштението од Вашингтон, ниту од домашните реакции не може да се каже што точно му се става на товар на градоначаникот на Струга, иако тој често е присутен во медиумите со скандали, контроверни изјави и потези.
Засега нема официјална реакција од јавното обвинителство, од Државната комисија за спречување корупција или од други државни органи за тоа што е вината на Мерко што му ја ставаат на товар Американците, и ако ја има, дали за тоа ќе се отвори постапка пред македонските истражни и правосудни органи.
Во соопштението на Стејт департментот се вели дека: „за време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудсните и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Македонија за зајакнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото“.
Ништо повеќе не откри и координаторот за антикорупција во Стејт департментот на САД, Ричард Нефју, во интервју за албанската редеакција на „Гласот на Америка“:
– Одлуката е донесена затоа што државниот секретар имал веродостојни информации кои сугерираат дека г-дин Мерко бил вмешан во голема корупција. И така според законите, кога секретарот ќе дојде до тој заклучок, нечија определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска, објаснува Нефју.
Американскиот дипломат додава дека не може да ги соопшти конкретните докази, но од информациите што биле објавени како дел од соопштението се работи за „злоупотреба на средства и мешање во судските постапки“.
Колку што е познато, против градоначалникот на Струга не се води постапка за корупција. Досега Јавното обвинителство за оранизиран криминал и корупција отворило предистражна постапка за Мерко поради набавката на четири службени возила меѓу кои и неговото Ауди А6.
Вкупната вредност на набавените возила изнесува 114 илјади евра, а само аудито 66 илјади евра. Набавката на овие возила беше во 2018 година, кога општината имаше неподмирен долг од близу 4 милиони евра. Предметот е поднесен од страна на Антикорупциска, која бара кривична одговорност од струшкиот градоначалник поради злоупотреба на службената положба. Засега нема исход од оваа постапка.
Сепак, на адреса на Мерко во јавноста беа изнесени повеќе обвиненија за злуопотреби, кои доаѓаат од неговите политички ривали.
Алијанса на Албанците на прес конференција на 27. октомври 2021 година изнела обвинувања дека трансакции oд милиони евра за улично осветлување на Струга се слеваат на сметки на актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат Рамиз Мерко и неговиот близок соработник на Армен Кадриу
– Станува збор за изнуда и кражба на милиони евра од буџетот на граѓаните на Струга од страна на двојката Рамиз Мерко – Армен Кадриу, а тоа трае неколку години преку една сомнителна концесија со многу законски прекршувања, склучена во вториот мандат на Рамиз Мерко помеѓу општина Струга и приватната фирма за јавно осветлување Сити лајт – обвини тогаш Идриз Истрефи од Алијанса за Албанците.
Тој додаде дека станува збор за милионски суми евра уплатени од Сити лајт „на приватната сметка на Армен Кадриу и неговото семејство и на сметката на приватниот универзитет на Мерко“.
За да биде скандалот поголем, вели партиајта, Владата во тој период исплатила 50 отсто од долговите на општините, над 2 милиони евра, а тој веднаш и исплатил 1,2 милиони евра на Сити лајт.
Алијанса тогаш соопшти дека за овој скандал од големи размери поседува докази – десетиците банкарски трансакции, и дека за нив ги известила Јавното обвинителство и Финансиската полиција, а по се изгледа дека истите докаази биле доставени и до американската амбасада.
Дел од овој скандал, кој може да се поврзе и со наводите на Стејт департментот дека Мерко влијаел врз судот во Струга, кој иако во текот на пандемијата прекинал со работа од епидемилошки причини, за негов случај морал да одржи рочиште и да донесе одлука токму за да се донесе одлука за судско порамнување, односно исплата на штета на фамозната фиртма Сити лајт, сопственост на Армен Кадриу. Во текот на пандемијата одржана е расправа и склучено е судско порамнување со кое фирмата за јавно осветлување ангажирана од Општина Струга ТУД СИТИ ЛАЈТ ДООЕЛ Струга се обврзува на Армен Кадриу, десната рака на Рамиз Мерко, и неговите родители Дашурие и Рамиз Кадриоски на име надомест на штета да им исплати износ од дури 7.766.763 денари, се вели во судската одлука.
Исто така во јануари 2019 година Алијанса на Албанците го повикала просветниот инспекторат да изврши инспекциски надзор врз работата на универзитетот во Струга, кој е во сопственост на Рамиз Мерко, познат како Меѓународен универзитет во Струга, кој е под раководство на негов близок пријател, Арменд Кадриовски, истиот Армен Кадриу, кој раководи со Сити лајт.
Алијанса навела дека раководителите на овој универзитет насилно ги протерале просветните инспектори кои беа отидени да ја вршат својата законска работа.
„Сето ова се случува поради тоа што со универзитетот раководи Рамиз Мерко, висок кадар на ДУИ кој секогаш се обидува да се крие зад власта, дури и без да го почитува законот. Последниот случај на албанските медиуми кои го апострофираа универзитетот на Рамиз Мерко за фиктивни дипломи и фиктивни научни звања, ги потврдува сомневањата дека во тој универзитет не се гради знаење и наука, туку се прават злоупотреби во разни правци”, се додава во тогашното соопштение на Алијанса за Албанците.
Партијата тогаш ги повика Министерството за образование и наука, Државниот инспекторат за образование, Комисијата за акредитација, Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи „да ја испитаат работата на приватниот Универзитет на Рамиз Мерко за сите сомнежи и загрижувања кои што домашната и пошироката јавност ги има покренато во врска со злоупотребите, како што се: сомневањата за регуларноста на дипломите и научните звања на универзитетските професори”.

Во јануари 2003 година истата партија на прес конференција обвини дека синот на Рамиз Мерко си купил нов автомобил БМВ кој чини 150 илјади евра.
– За да се купи таков автомобил од работник со просечна плата од 400,00 евра, истиот тој треба да работи од 27 до 33 години. Препотенцијата на луксот што синот на градоначалникот им ја покажува на стружани со нов автомобил кој чини можеби околу 150.000.000 евра, сам по себе говори за целите и перспективата што неговиот татко му донесе на Струга – рекоа тогаш од Алијанса.
Плусинфо се обиде да воспостави телефонски контакт со градоначалникот Рамиз Мерко, за да побара од него коментар на одлуката на Стејт департментот, но тој не одговараше на повиците.