ГРЦИТЕ ЌЕ ГО ЧУВААТ БУГАРСКОТО НЕБО ОД ЕВЕНТУАЛНИ ИРАНСКИ НАПАДИ Ќе распоредат систем „Патриот“ и два воени авиони Ф-16
Мерките се преземаат на барање на официјална Софија, по проценките на НАТО за потребата од зајакнување на југоисточното крило, поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Грција ќе обезбеди итна поддршка за чување на бугарското небо, ќе распореди систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ и ловци Ф-16 во пограничниот појас, соопшти денеска грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендиас по разговорот со неговиот бугарски колега Атанас Запрјанов.
Мерките се преземаат на барање на официјална Софија, по проценките на НАТО за потребата од зајакнување на југоисточното крило, поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Грчкиот министер Дендиас потврди дека одлуката е донесена од страна на грчкиот Владин совет за надворешни работи и за одбрана.
– Грција ќе ѝ пружи поддршка на Бугарија со средства за противвоздушна одбрана и персонал, кои ќе бидат распоредени во Северна Грција и ќе покриваат голем дел од бугарската територија – изјави Дендиас.
Во пограничната зона ќе биде ставен функција систем „Патриот“, а два авиони Ф-16 ќе имаат исклучива задача да го штитат бугарскиот воздушен простор. За подобра координација со бугарската воена команда, двајца високи грчки офицери ќе бидат испратени во Софија.
Бугарското Министерство за одбрана соопшти дека за време на телефонскиот разговор меѓу двајцата министри била изразена длабока загриженост од развојот на воените дејствија на Блискиот Исток. Запрјанов нагласи дека Бугарија е во постојан контакт со главната команда на НАТО за дополнително засилување на одбраната доколку се појави потреба.
Овој потег доаѓа по инцидентот од 4 март, кога Турција пресретна иранска балистичка ракета која се движела кон нејзиниот воздушен простор. Иако официјална Анкара смета дека целта била воена база на Кипар, инцидентот предизвика итно свикување на Советот за безбедност во Софија.
Дендиас истакна дека оваа поддршка за Бугарија, како сојузник во НАТО и членка на ЕУ, на ниту еден начин нема да ја загрози одбранбената моќ на самата Грција. Тој следната недела ќе престојува во официјална посета на Софија.