Грција загубила 4 милијарди евра поради скратениот шопинг
Во првите девет месеци од 2020 година загубата е над три милијарди евра, но ако се одземе профитот на супермаркетите кои имаа зголемување од 10 отсто во споредба со лани, тогаш штетата за малопродажбата е многу поголема и над четири милијарди евра.
За девет месеци рестриктивни мерки во Грција и два карантина, процените, според грчкиот весник „Катимерини“ се дека малопродажбата загубила околу четири милијарди евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот пишува дека според податоците од Службата за статистика, во првите девет месеци од 2020 година загубата е над три милијарди евра, но објаснува дека ако се одземе профитот на супермаркетите кои имаа зголемување од 10 отсто во споредба со лани, тогаш штетата за малопродажбата е многу поголема и над четири милијарди евра.
Секако, во овие податоци не е вклучен последниот квартал од 2020 година, во кој, под нормални услови, има зголемен профит поради божиќните и новогодишните празници.
Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас најави дека за оваа година ќе бидат одвоени над 7,5 милијарди евра за финансиска поддршка за справување со последиците од пандемијата.