ГРЦИЈА НА УДАР НА ЕКСТРЕМНО НЕВРЕМЕ Дожд, снег и силен ветер ја парализираат земјата

Екстремното невреме ја стави земјата во состојба на мобилизација. Во Атина се очекуваат обилни врнежи, а властите апелираат граѓаните да ги ограничат движењата.

806

Невремето што од утрово ја зафати Грција донесе обилни врнежи од дожд и грмежи, снег и во места со ниска надморска височина, како и силен ветер, поради што во повеќе делови на земјата се затворени училиштата, испратени се предупредувачки пораки до граѓаните, а на атинските пристаништа е воведена забрана за пловидба, јави дописничката на МИА од Атина.

Поради сериозноста на временските услови, уште вчера беа одржани состаноци во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита, по што беше одлучено за регионите Атика, Пелопонез, Тесалија, како и централна и северозападна Грција да се издаде црвено предупредување и тие да бидат ставени во состојба на целосна мобилизација – таканаречен „Red Code“.






Во состојба на зголемена готовност се противпожарната служба, грчката полиција, крајбрежната служба и армијата, со посебен фокус на поширокиот регион на Атина.

Од бројот 112 за итни случаи синоќа беа испратени предупредувачки пораки до жителите на пет региони со апел да ги ограничат движењата, а утрово иста порака добија и сите граѓани што се наоѓаат во Атика.

„Поради интензивни временски појави што се очекуваат во периферијата Атика од пладне до доцна навечер, ограничете ги вашите движења само на апсолутно неопходните. Следете ги упатствата на надлежните органи“, се наведува во пораката од 112.

Поради силниот ветер, бродовите и траектите остануваат закотвени на трите атински пристаништа, откако беше воведена забрана за пловидба.

Основните и средните училишта, како и градинките, во повеќе делови на Грција, вклучително и во Атина, денеска се затворени, а наставата се одвива онлајн. Со одлука на префектот на Атика, Никос Хардаљас, сите државни и приватни училишта на територијата на регионот превентивно ќе останат затворени.

Одлуката, како што соопштија надлежните, е донесена за заштита на учениците и наставниот кадар, со оглед на тоа што од пладне се очекуваат интензивни врнежи од дожд со висок интензитет.

Хардаљас изјави дека институциите ги знаат „капацитетите и слабостите на старите инфраструктури“ и затоа се избира превентивен пристап.

– Одговорноста кон децата не трпи ризик. Кога станува збор за нивната безбедност, должни сме да бидеме чекор понапред – нагласи тој.

За вработените и во приватниот и во јавниот сектор е издадено упатство за работа од дома доколку не се во можност безбедно да стигнат на работното место, додека за сите што работат на отворено е воведен задолжителен прекин на работата.

Според Националната опсерваторија во Атина и порталот „Метео“, денешните најави за дожд се класифицирани во Категорија 5 – екстремна. Директорот на одделот за истражување, Константинос Лагувардос, предупреди дека во Атика се очекува „големо и загрижувачко количество дожд за многу краток временски период“, при што можно е да наврнат и до 50–60 милиметри дожд за само шест часа.

Поврзани содржини