Грција и Франција воведуваат задолжително вакцинирање – еве кои се први на листата
Слично како и во Грција, за влез во затворен простор во Франција од вас ќе се бара ковид-пасош од август па натаму. Ако сакате да влезете во ресторан, кино, театар, во воз или авион, едноставно ќе ви треба тој документ. Затоа, 900 илјади Французи веќе побрзаа да се вакцинираат.
Оваа есен без вакцина или негативен тест за корона, не ќе можете да влезете во кафуле, бар, театар, кино или во каков било затворен јавен простор во Грција, а и во Франција. И двете земји, независно една од друга, веќе од септември воведуваат строги мерки, меѓу кои – задолжителна вакцинација за старите лица, оние кои ги чуваат старите во домовите и за сите лекари, јавува Јутарни.
Повеќето Грци се „за“ задолжителна вакцина
Во Грција, задолжителната вакцинација за стари лица и здравствени работници ќе започне од 1 септември.
– Земјата нема да се затвори повторно поради поединци – рече премиерот Кирјакос Мицотакис во телевизиското обраќање во кое ги најави мерките, додавајќи дека „не е во опасност Грција, туку невакцинираните Грци“.
И младите нема да изостанат: од следната недела, сите тинејџери од 15 до 17 години ќе можат да се вакцинираат. За да ги стимулира, владата им понуди бесплатен мобилен интернет и пари во готовина.
Повеќето Грци се „за“ задолжителна вакцинација, сугерираат телевизиските дебати. Од 11 милиони Грци досега се вакцинирале повеќе од 5 милиони и 200.000 луѓе со првата доза, а околу 41 процент од општата популација е целосно вакциниран, објави Мариос Темистоклеус, генералниот секретар задолжен за вакцинација.
Планот на Грција е да вакцинира до 70 отсто од граѓаните до есен, а за тоа нуди разни субвенции. Во понеделникот во земјата имаше 2065 нови случаи со ковид-19 и десет смртни случаи.
900.000 Французи побрзаа да се вакцинираат
И Франција задолжително ќе ги вакцинира своите лекари до 15 септември. Откако слушнаа дека ќе има санкции за сите невакцинирани, и оние без негативен тест, скоро 900 илјади Французи побрзаа да си закажат термин за вакцинирање, двојно повеќе од последниот рекорд од 11 мај.
Слично како и во Грција, за влез во затворен простор од вас ќе се бара ковид-пасош – од август па натаму. Ако сакате да влезете во ресторан, кино, театар, во воз или авион, едноставно ќе ви треба тој документ.