„ГРЦИЈА И БУГАРИЈА БЛОКИРАА, А НЀ ОБВИНУВААТ САМО НАС“ Сијарто ја обвини ЕУ за двојни аршини, особено кон Македонија

Унгарскиот министер Петер Сијарто тврди дека Европската Унија применува двојни стандарди кон Будимпешта.

1,504

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто остро ја обвини Европската Унија за двојни стандарди во пристапниот процес кон ЕУ, истакнувајќи дека земји-членки како Грција и Бугарија со години блокирале преговори со Македонија и со Србија, без да бидат обвинети за поткопување на европското единство. Во интервју за РТС, тој нагласи дека Унгарија секогаш е посочувана како виновник кога го користи своето право на вето.

Сијарто потсети дека Европската комисија уште пред многу години предложила отворање на нови поглавја со Србија, но Европскиот совет не ја усвоил одлуката поради несогласување на одредени членки.






– Дали тогаш некој ги обвини тие земји за поткопување на европското единство? Секако не – истакна тој.

Како примери ги наведе Грција, која со речиси една деценија ги блокирала преговорите за пристапување на Македонија, како и Бугарија, која поставува предуслови во однос на Македонија.

– Никој не ги критикуваше нив, но Унгарија веднаш е мета на осуди – нагласи министерот.

Тој оцени дека причината за стигматизацијата е политичката независност на унгарската влада.

– Ние се спротивставуваме на војната, на миграцијата и на родовата пропаганда. Секогаш кога ќе имаме различно мислење, иако тоа е наше право според правилата на Унијата, веднаш сме обвинети – рече Сијарто.

Според унгарскиот министер, европските институции го нарушуваат принципот на едногласност кој е основна вредност на Унијата.

– ЕУ е создадена врз начелото дека секоја земја има право на вето. Но секогаш кога Унгарија ќе го искористи тоа право, стануваме жртва на политички напади – заврши Сијарто во интервјуто за РТС.

Поврзани содржини