Грчката компанија „Полиеко“ почна да го чисти линданот од малата депонија во ОХИС
Се проценува дека комплетното чистење и уништување на линданот и неговите изомери од малата депонија во ОХИС ќе чини околу 8 милиони евра.
Чистењето на линданот и неговите изомери од малата депонија во кругот на ОХИС започна денеска. Компанијата „Полиеко“ која ќе го врши чистењето на линданот и неговите изомери од малата депонија во кругот на ОХИС почна да го расчистуваше теренот и ја постави потребната опрема и механизација.
Се проценува дека комплетното чистење и уништување на линданот и неговите изомери од малата депонија во ОХИС ќе чини околу 8 милиони евра. Дел од паритеверќе се обезбедени од две агенции на Обединетите нации УНИДО и УНОПС и владата на Норвешка кои најавуваат дека ќе бараат и нови инвеститори за да се заврши процесот на чистење на линданот.
– Со овој проект ја потврдивме нашата решеност да ги елиминираме жешките точки во земјава. Во изминатиот период беа безбедно отстранети и уништени огромни количини на екстремно опасни хемикалии што со децении беа складирани во кругот на ОХИС, а денес присуствуваме на почетокот на чистење и на линданот, како историски проблем на чие што решавање посветивме многу внимание и енергија – изјави министерот за животна средина Насер Нуредини.
Тој најави дека се прават напори и за обезбедување пари за чистење на големата депонија.
За чистењето на малата депонија Министерството воспостави соработка со две агенции на Обединетите Нации, УНИДО и УНОПС.
– Првично, за реализација на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијација на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС Министерството за животна средина и просторно планирање преку Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи (POPs) во соработка со УНИДО како имплементациона агенција, обезбеди финансиски средства од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) во висина од 3.100.000 долари – информираа од Министерството за животна средина.
По спроведување на изборот на компанија за чистење на овој отпад, УНИДО склучи договор со избраниот изведувач „Полиеко“ за чистење на 450 тони од високо концентрираниот HCH отпад и на 200 тони од земјата контаминирана со HCH од малиот базен.
– Потребните дополнителни средства за завршување на чистењето на „малата” депонија, УНИДО, МЖСПП, ГЕФ и Генералниот Секретаријат на Владата се согласија да бидат обезбедени од повеќе-партнерскиот Фонд за животна средина, а да се имплементира од страна на УНОПС.Неодамна и УНОПС потпиша договор со грчката компанија Полиеко за чистење на дополнителни 240 тони HCH отпад и 653 тони контаминирана почва со HCH со што ќе се обезбеди континуитет во чистењето на опасниот хемиски отпад од оваа локација додаваат од Министерството за животна средина.
Оттаму информираат дека и Кралството Норвешка е партнер на Владата на Северна Македонија во овој процес.
– Во изминатите три години, обезбедивме поддршка на Владата и на Повеќе-партнерскиот фонд за животна средина во износ од 1,5 милиони евра како поддршка на чистењето на депонијата во ОХИС – изјави Стефан Сандстад, првиот секретар на Амбасадата на Норвешка.
Претставничката на УНОПС рече дека ќе продолжат да работат на обезбедување на дополнителни пари за завршување на проектот.
– Ќе продолжиме да работиме заедно да обезбедиме средства од донатори, меѓународни организации и финансиски институции за овој витален потфат за животната средина во државата – изјави Микела Телатин, шеф на канцеларијата на УНОПС за Северна Македонија