Грчката апликација Covid Free не го отчитува српскиот код од дигиталниот сертификат за вакцинација
Со овој проблем се соочиле српски туристи на пристаништата Трипити и Уранополис на Халкидики.
Апликацијата на грчкото министерство за дигитална управа Covid Free GR не го отчитува QR кодот од дигиталниот сертификат кој го имаат добиено сите лица вакцинирани во Србија. Со овој проблем се соочиле српски туристи на пристаништата Трипити и Уранополис на Халкидики, објави српската телевизија Н1 чија новинарка рече дека и самата се уверила во тоа.
Апликацијата Covid Free GR служи за проверка на веродостојноста на документите за статусот на имунизација.
– Од петокот, влез во ноќните клубови, локали и барови кои работат во затворен простор е дозволен, но под услов гостите да седат и пред да влезат задолжително да го покажат кодот со доказот за вакцинација. Таа вечер, апликацијата која ја користеа лицата од обезбедувањето во еден познат ноќен клуб во Парга не можеше да ги отчита нашите два дигитални сертификати. Покажуваше дека тие не се валидни – рече новинарката.
Српската министерката за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ за Н1 потврди дека се запознаени со проблемот и работат на негово решавање, додавајќи дека официјално, од други места не стигнувале пријави за неисправни кодови.
Инаку, голем број македонски државјани се имунизираа во Србија.
Веднаш по вакцинацијата, српските власти преку порталот е-управа на сите што завршиле со имунизацијата, по електронска пошта им го испраќа т.н. дигитален ковид пасош со QR код од кој се отчитуваат податоците за вакцината, нејзиниот производител и датумите на прием.