Грчев: Порта Македонија и Куќата на Мајка Тереза треба да се урнат, а другите споменици да се преместат
Архитетот Мирослав Грчев во „Само интервју“ на Канал 5 вечера го актуелизираше предлогот за уривање и дислоцирање на спомениците од проектот „Скопје 2014“.
– Првото тешко прекршување на Уставот е што споменикот е идеја од премиер, од влада за уредување на град. Тоа е строго забрането и е спротивно на основната темелна вредност. Не може владата да се бави со нешто што е во надлежност на локална самоуправа. Тоа е диктаторски потег. Тоа што владата дискутира што да се прави со овој проект е истра грешка како онаа на Груевски, ова е исказ на една импотенција и од политички и од уставно-правен тип. Владата не е надлежна да расправа за тоа. Идејата за пренамена за мене е вон памет – вели Грчев.
Тој истакна дека е потребно рушење на Порта Македонија и Мајка Тереза, а дислокација на другите споменици.
– Не е направена студија колку чини демонтирање на тие градби и споменици, нема ни пресметка, ниту е консултиран градежен инженер. Еден аспект е дека вакви прекршувања зрачат со незаконитост, од друга страна улиците се уништени. Уличниот коридор е најтрајната инфраструктура. Јавните патишта овозможуваат слобода на движење. Ако Порта чинела 7 милиони ќе се сруши за помалку од 70.000 евра. Мајка Тереза два пати помалце. Другите споменици или скулптури може да се дислоцираат – рече Грчев.