ГРАНТОВИ ОД 5.000 ДО 300.000 ЕВРА ЗА ЗЕЛЕНА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА БИЗНИСИТЕ Првите повици ќе се објават на средината на годинава

Грантовата шема ќе изнесува вкупно 22 милиони евра, а компаниите, зависно од инструментот, ќе треба да учествуваат со 20 до 50 % сопствено финансирање. 

72

Грантови од 5.000 до 300.000 евра за зелена трансформација на компаниите, предвидува проектот што во следните четири години ќе го спроведува Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА).

Проектот „тежок“ 25 милиони евра, ќе се спроведува во периодот 2026 – 2030 година и со него се очекува да бидат поддржани најмалку 300 мали, микро и средни претпријатија.






Грантовата шема ќе изнесува вкупно 22 милиони евра, а компаниите, зависно од инструментот, ќе треба да учествуваат со 20 до 50 % сопствено финансирање.

Првите повици ќе бидат објавени во средината на 2026 година, а ќе се реализира и инфо-караван во соработка со општините, стопанските комори, регионалните центри и секторските здруженија за поддршката да стигне до компаниите.

Како што беше речено денеска на настанот по повод официјалниот почеток на проектот „Грантова шема за поддршка на претпријатијата за зелено работење“, зависно од големината и потребите на фирмите, ќе се применуваат повеќе финансиски инструменти – преку јавни повици компаниите ќе може да аплицираат за техничка и советодавна поддршка, за стандардизација и за финансиска поддршка за набавка на опрема, технологии и развој на нови производи.

Според директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, денес почнува важна трансформација на македонската економија, а ИНОВА ќе ја води промената не како администрација, туку како вистински партнер на бизнисот.

– Оваа грантова шема е создадена за вас, ова е можност да инвестирате со поддршка, ова е шанса уште денес да се подготвите за новите барања на пазарот, да бидете модерни, конкурентни, зелени и рамноправни играчи на европскиот пазар. Македонија може, знае и мора да оди напред, паметно одржливо и храбро. Сега е време за зелена акција – им порача директорката на компаниите.

Во обраќањето, Димовска потенцира дека грантовите се наменети за фирми што инвестираат во одржливи, еколошки и иновативни решенија. Целна група, објасни, се мали, микро и средни претрпијатија, особено од производствениот сектор, но и од други дејности кои можат да придоенсат за намалување на отпадот и за зголемено користење на зелената енергија. Фокус се, дополни директорката, компании што имаат потенцијал за реална зелена трансформација.

– Нашата амбиција е создавање нова генерација компании кои не само што ќе ги следат европските стандарди, туку ќе бидат чекор пред нив. Градиме концепт на зелени лидери – компании кои покажуваат дека зелената транзиција не е трошок, туку инвестиција во иднината. Паралелно создаваме хаб на знаења, како жива платформа за споделување искуства, практики и научени лекции, а ефектите се јасни – одржливи и ефикасни компании, пониски трошоци, поголема конкурентност, нови зелени работни места и економија што расте без да ја загрозува иднината на следните генерации – подвлече Димовска.

Проектот, додаде, директно придонесува за европскиот „грин дил“ и Зелената агенда на Западен Балкан.

– Очекуваме оваа поддршка значително да придонесе кон побрза примена на зелените практики, но и кон зголемување на свеста за економските придобивки од зелената транзиција – истакна Димовска.

Од 25-те милиони евра колку што е вредноста на проектот, 18 милиони се поддршка од ЕУ, а седум милиони евра се буџетски средства.

На настанот се обрати и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека овој проект не е само финансиска интервенција, туку стратешка инвестиција во иднината на македонската економија.

– Како што често истакнуваме, овие 25 милиони евра не се само бројка во буџетот, тие се директна инвестиција во македонските компании, во нивната конкурентност, во нивната европска иднина и во економијата што ја градиме за генерациите што доаѓаат. Особено значајно е што околу 200 компании ќе добијат поддршка за подготовка и имплементација на меѓународни стандарди за заштита на животната средина и одржливо работење, што е директна пропусница за учество во европските и глобалните ланци на добавувачи – рече Мицкоски.

Поврзани содржини