Границите засега не се затвораат

Затворени се и студентските и ученичките домови, a нема да се посетуваат курсеви за странски јазици, за компјутери и друго, како и тренинзи.

541

Тешко е да се препорача мерка за целосно затворање на границите, а таква препорака немаме ниту од Светската здравствена организација (СЗО). Тоа не зависи само од нас, туку и од локалните земји, ја следиме ситуацијата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој нагласи дека на граничните премини полицајците одлично ја вршат работата со прашалниците, а активисти на Црвениот крст им се приклучиле на Табановце и на Богородица.






– Денеска имаме состанок за да се спроведе оваа препорака на Владата, за да се зајакнат екипите и на другите гранични премини. А на располагање во кое било време им се и епидемилозите од локалните центри за јавно здравје. Разговаравме со претставници на гранични премини и за спроведување на мерката за забрана на директни автобуски линии со ризичните реони, што веќе се спроведува – рече Филипче.

Во однос на пролонгирање на изборите, тој рече дека не може да се каже дали ќе се одржат изборите.

Министерот нагласи дека за сите важи препораката за ослободување од работа на родители на деца под 10 години, како и на родители на деца со посебни потреби, а оние работодавачи кои нема да ја почитуваат ќе бидат казнети.

Доколку двајца родители работат во ист сектор, како здравство, армија или во полиција, еден од нив ќе биде ослободен од работа.

– Отсуството кон работодавецот, работникот треба да го регулира со назнака за да се оправда отсуството. Ослободени од работа се и родители на лица и деца со попреченост. Оваа мерка важи за сите компании и мора да важи за сите. Жал ми е што излегоа лажни вести и апелирам да не се создава непотребна паника. Ние сме пред болестите исти – изјави Филипче.

Затворени се и студентските и ученичките домови, нема да се посетуваат курсеви за странски јазици, за компјутери и друго, како и тренинзи.

Заштитна опрема и дезинфекциони средства ќе се обезбедат и за матичните лекари.

Во врска со пролонгирање на закажани прегледи на  „МојТермин“, министерот рече дека некои работи се итни и не може да се одложуваат, а утре за ова ќе разговара со директорите на сите клиники да се види дали прегледите кои не се итни ќе се презакажат.

 

 

Поврзани содржини