ГРАНАТИРАНА НУКЛЕАРКАТА „ЗАПОРОЖЈЕ“ Погоден е реактор кој се реновира
Утрово од 6 блока во нуклеарната централа, работи само еден.
Украинските служби за итни случаи соопштија дека утрово го изгаснале пожарот во најголемата нуклеарна централа во Европа. Киев тврди дека руските сили гранатирале и дека се одговорни за пожарот.
„Во 06.20 часот е изгаснат пожарот во зградата за обука на АЕЦ Запорожје во Енергодар. Нема жртви“, соопштија украинските служби за итни случаи.
Дмитро Орлов, градоначалникот на украинскиот град Енергодар, во близина на кој се наоѓа нуклеарната централа Запорожје, утринава изјави дека ситуацијата во нуклеарната централа се уште е тешка, иако гранатирањето престана.
Орлов на Фејсбук напиша дека ситуацијата е тешка, но дека пожарот во нуклеарниот комплекс е изгаснат.
Тој соопшти дека „Енергодар“ синоќа останал без греење поради оштетување на топлинскиот цевковод при гранатирањето, а сега се разгледува можноста повторно да се стави во функција.
Претходно, украинските власти соопштија дека руската армија синоќа со тешко оружје пукала кон нуклеарната централа и дека имало пожар во зградата на центарот за обука. Се наведува дека изгорела и зградата на лабораторијата.
Интерфакс Украина наведува дека од шесте блока во нуклеарната централа, во моментов само еден работи.
Портпаролот на нуклеарната електрана Андриј Туз, за украинската телевизија изјави дека гранати паднале директно врз електраната во Запорожје и запалиле еден од шесте реактори на централата. Тој реактор се реновира и не е во функција, но внатре има нуклеарно гориво, рече тој, пренесува Хина.
Владин претставник изјави за Асошиетед прес дека во близина на локацијата на централата евидентирано е зголемено ниво на радијација. Тој зборувал под услов да остане неименуван бидејќи информацијата се уште не е објавена во јавноста, пренесуваат западни медиуми.
Туз рече дека итно е потребно да се прекинат борбите за да биде угасен пожарот.
Украинската државна служба за итни случаи подоцна извести дека условите за безбедност од радијација и пожар во нуклеарната централа Запорожје се „во граници на нормалата“.
Агенцијата соопшти дека избувнал пожар во зградата за обука пред НПП, но Гардијан не можел да ги потврди наводите.