ГРАН ПРИ ЗА ЖЕНСКИОТ МЛАДИНСКИ ХОР ВО ХЕРЦЕГ НОВИ Овации од публиката на три сцени

Освен првата награда за хорот, маестро Сашо Татарчевски ја доби и специјалната награда од жирито за најдобар диригент на фестивалот, соопшти Младинскиот културен центар.

30

По вторпат годинава Женскиот младински хор се враќа со највисоки награди од меѓународни хорски натпревари – по освоената Гран при награда во Бугарија во јуни, хорот се закити и со прва награда на интернационалниот хорски натпревар во Херцег Нови, Црна Гора.

Хорот е во рамките на Младинскиот културен центар, а со нег раководи маестро Сашо Татарчевски.






На фестивалот настапуваа 29 хорови од повеќе европски земји, од кои 24 учествуваа во натпреварувачкиот дел, информира МКЦ.

„Нашиот хор се претстави на три фестивалски сцени, црквата „Св. Јероним“, салата „Парк“ како и на сцената „Под градскиот саат“ и на сите настапи предизвика овации кај публиката и останатите хорови учесници. Освен првата награда за хорот, маестро Сашо Татарчевски ја доби и специјалната награда од жирито за најдобар диригент на фестивалот“, соопшти МКЦ.

Женскиот младински хор при МКЦ и во својата 53-та година од постоењето го потврди својот статус на континуирано квалитетен и највреден бренд на Младинскиот културен центар во Скопје, како и македонски културен амбасадор на меѓународната сцена, се додава во соопштението.

„Ваквите врвни резултати се возможни само доколку има институционална поддршка, односно, во случајот на Женскиот младински хор при МКЦ, колку поголема поддршка, толку побројни врвни резултати. Во оваа 2025 година редовната работа на ЖМХ, настапите низ нашата земја како и дел од претставувањата во странство ги поддржаа Министерството за култура и туризам и Градот Скопје“, информира МКЦ.

Поврзани содржини