ПОДРУМOT ВО ГТЦ ПОПЛАВЕН, КАКОВ ЛИ ЦИКЛОН БЕШЕ ОВА? Однесена и кабина пред Градска болница, „вработениот едвај извадил жива глава“ (ГАЛЕРИЈА)
„Вработениот едвај извадил жива глава“, напишала корисничка и постирала слика од срушениот објект, кабина во која се наплаќа паркингот на Градската болница во Скопје. Засега не е познато дали во времето на олујата некој бил внатре во малата кабина.
Град како зрно паѓаше во Скопје. Луња, силен ветер и молскавици го пресекоа инаку топлото попладне. „Трговски поплавен,подрумот полн со вода. Се молат надлежните да интервенираат“, напишала новинарката Менче Точи на својот фејсбук и постирала слика од ГТЦ. На лутата олуја ѝ претходеше виножито, а потоа се претвори во луња која искрши објект во кој се врши наплата на паркинг во Градска болница во Скопје.
„Вработениот едвај извадил жива глава“, напишала корисничка и постирала слика од срушениот објект.
Засега не е познато дали во времето на олујата некој бил внатре во малата кабина.
„Какoв циклон ли беше ова?“, прашува Милан Дамјаноски постирајќи слика од луњата која навистина потсетува на торнадо позади кулите Џевахир.
Ветрот однесе и дрвја во градот, зборуваат самите слики на граѓаните.
Фотографија од поплавениот булевар Јане Сандански на триаголникот ја Скопјанка каде водата стигнува до половина од тркалата на автомобилите објави друг корисник.
Тропање на зрната можеше да се слушне по прозорците. Во населбата Аеродром ветрот носи дрвја. Силниот дожд и градот го отежнуваат движењето по улиците чии коловози се под вода.
УХМР најави дека нестабилното време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе се задржи до петок, особено во попладенвните часови. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер и услови за појава на град.
Од ЦУК информираат дека освен Скопје, од невреме попладнево се зафатени и Штип, Велес, Демир Хисар, Свети Николе.