ЧЕКААТ ДАНЕЛА ДА ГИ ТУРНЕ ЗА ДА КИНИСААТ Дел од приватниците не возат речиси цела недела

Сопственикот на претпријaтието „Макекспрес“, Милорад Димитриевски, вели дека во средата им биле уплатени 1 милион денари, што според него е капка во морето, затоа што Градот им должи повеќе од 30 милиони денари.

618

Продолжува агонијата на приватните превозници од „Макекспрес“ кои од понеделникот не возат на предвидените линии, затоа што како што велат оттаму за Плусинфо, ниту имаат абер, ниту најава за средба со градоначалничката Данела Арсовска за намирување на заостанатиот долг кој Градот го има кон нив.

Сопственикот на претпријaтието „Макекспрес“, Милорад Димитриевски, вели дека во средата им биле уплатени милион денари, што според него, е капка во морето, затоа што Градот им должи повеќе од 30 милиони денари.






– Ние во моментов не штрајкуваме, туку не сме во можност да го извршуваме превозот, бидејќи немаме средства за гориво и тоа е основниот проблем зошто возилата не излегуваат на улиците. Ние бараме средба со градоначалничката за да најдеме соодветно решение што ќе им одговара и на двете страни, а најмногу на патниците и конечно да се реши овој проблем – вели Димитриевски.

Веќе една недела граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат навремено да стигнат на работа, на лекар или на училиште, затоа што ги нема автобусите од линиите 19, 20, 22, 53 и 54. Од ЈСП Скопје најавија дека ќе пуштат дополнителни возила со цел граѓаните да може да се превезат и да ги извршуваат своите секојдневни обврски, но не се движеа по утврдениот возен ред на приватните превозници.

Скопјани извесно време со соочуваат со хаос во јавниот превоз и неможност со автобус да ги извршат обврските, особено жителите на оние места каде што единствено вози или автобус на ЈСП „Скопје“ или автобус на некој од приватните превозници. Градот беше во блокада два дена откако возачите во ЈСП решија да штрајкуваат поради задоцнети плати, но тука се вклопија приватните автобуси кои го ублажија хаосот.

Откако со одлука на Советот на Град Скопје на ЈСП „Скопје“ му беа исплатени 2 милиони евра за да се исплатат платите и да функционира јавното претпријатие, извисија приватните превозници кои сѐ уште чекаат да им биде исплатено тоа што им го должи Градот.

Од Градот, пак, прво рекоа дека ќе ја преиспитаат оправданоста на сумата на одредена група приватни превозници поради извесни неправилности. Поради тоа, се става знак прашање кога повторно автобусите на „Макекспрес“ ќе продолжат да превезуваат патници.

Според надлежните од Град Скопје, кај една група приватни превозници се регистрирани низа неправилности и нерегуларности во работата, како и неисполнување на услугите за кои наплаќаат од ЈСП.

– Сето ова ни дава за право да ја преиспитаме оправданоста на висината на сумата што оваа група приватни превозници ја побаруваат како надоместок за нивните услуги. ЈСП „Скопје“ и Град Скопје во неколку наврати укажаа на овие пропусти и недостатоци, дури беше даден и рок за да се подобри квалитетот на автобусите и нивната техничка исправност – велат од Градот.

Град Скопје има долг и кон другиот приватен превозник „Слобода превоз“, а доспеаниот долг изнесува околу 40 милиони денари. Првиот човек на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, претходно за Плусинфо изјави дека се сретнале со раководството на Градот и дека имаат исплата на неделно ниво, поради што нивните возила превезуваат патници според однапред утврден возен ред, но дека наскоро очекуваат според усниот договор што го имаат, на нивните сметки да пристигне поголема исплата. Доколку тоа не се случи, можно е и тие да преземат слични мерки како и „Макекспрес“, па така скопјани да останат без услугите и на автобусите на линиите 9, 11, 11а, 12, 23, 45, 47, 55, 61, 63 и 73 кои ги покрива ова претпријатие.

Поврзани содржини