ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ПЕТРОВЕЦ ДОБИ КРИВИЧНА Финансиската полиција го обвинува дека злоупотребил половина милион евра
Според директорот на финансиската полиција, гадоначалникот знаел дека наведените работи во фактурите не биле извршени, фактурите биле заверувани со потпис и печат.
На само два дена пред официјалниот почеток на изборната кампања за локалните избори, Финансиката полиција му поднесе кривична пријава на актуелниот градоначалник на општина Петровец од редовите на ВМРО ДПМНЕ, кој е кандидат и за нов мандат.
Истрагата, како што соопшти денеска на прес-конференција директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, покажала дека актуелниот градоначалник на општина Петровец и уште четири лица и три фирми преку перење пари, го оштетиле буџетот на општината за половина милион евра.
– Во периодот од 2012 до 2018 година ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што, првопријавениот, во својство на одговорно лице во општина Петровец, во име на општина Петровец извршил плаќање на 24 фиктивни фактури во вкупен износ од 31.845.470 денари, издадени од пријавениот правен субјект „АЦЕ ТРАНС КОМПАНИ“ ДООЕЛ Скопје и правниот субјект „ЛЕОМА ТРАНС“ ДОО Скопје, за наводно извршени градежни работи и утовар, транспорт и истовар на градежен шут – рече Муареми.
Според Муареми, иако градоначалникот знаел дека наведените работи во фактурите не биле извршени, фактурите биле заверувани со потпис и печат.
Во случајот како третопријавен инжинерот за надзор, четвртопријавениот е во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект „СМ БАУ“ ДОО и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „ЧОЛА ТОП“ ДООЕЛ Батинци,додека петтопријавениот е во својство на управител на пријавениот правен субјект „АЦЕ ТРАНС КОМПАНИ“ ДООЕЛ Скопје.
Случајот за евентуална корупција во општина Петровец до финансиката полиција ја пријавил вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, а до него, како што беше речено, стигнала анонимна пријава уште во мај.
– Претставката беше разгледана и обработена од страна на кабинетот и во јуни годинава, целокупната документација беше испратена до Управата за финансиска полиција и Државната комисија за спречување корупција, за понатамошно постапување. Борбата против корупцијата и криминалот е процес кој бара максимална вклученост и координараност со сите надлежни институции, бидејќи само така можеме да застанеме на патот на оваа појава која го нагризува општеството – појасни Николовски.