ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КРИВА ПАЛАНКА САКАЛ ДА ГО ОДЗЕМЕ ОД ПОЛИЦИЈА ВОЗИЛОТО НА БРАТ МУ Полицајците го спречиле во намерата
Градоначалникот Сашко Митовски дошол во полицикста станица каде што било запленетото возило, го отклучил, ја отворил возачката врата на која имало залепено лепенка од крим-техника, ја скинал и се обидел да влезе во возилото.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски се обидел да се стави себеси над полицијата и над законот, обидувајќи се да го одземе од полиција запленетото возило на неговиот брат, јавуваат повеќе медиуми.
Вчера, во 17:45 чaсот во кругот на полициската станица во Крива Паланка, додека униформиран полициски службеник го обезбедувал возилото „рено каптур“, кое по наредба на Јавното обвинителство претходно било одземено во врска со чл.297-а став 2 од Кривичниот законик, сторено од Милан Митовски (брат на градоначалникот на Крива Паланка), дошол градоначалникот Сашко Митовски. Тој го отклучил возилото и ја отворил возачката врата на која имало залепено лепенка од крим-техника, со што ја скинал и се обидел да влезе во возилото.
Полицајците кои биле на местото му наредиле да се оддалечи и градоначалникот Митовски бил спречен да го земе возилото, по што си заминал.
Градоначалникот на Крива Паланка кој нема никакво овластување да одзема возила или да уништува докази кои ги чува МВР може да биде гонет за неколку кривични дела.