ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КОЧАНИ ДОБИ КРИВИЧНА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ ДИРЕКТОР Мицкоски вели дека Спасовски и Ковачевски откриле „голем“ криминал
Читам денес МВР на Спасовски и Ковачевски обелодениле „голем” криминал. На градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов му поднеле кривична пријава зошто го именувал единствениот кандидат кој и се пријавил на огласот за директор на основното училиште.
Значи не е тендер, не е договор во 4 очи, туку одлука за именување на директор кој не бил по кејфот на власта.
Патем да напоменам нема кривична пријава за Мерко кој назначил за директор на училиште средношколка. Нормално нема кривична пријава зошто зелените од ДУИ ќе се налутат на СДСМ.
Со ваква власт, нема зима за криминалците. А Папазов е силен, и добро знае дека колку тие посилно притискаат, толку пожестоко ќе бидат поразени. Е потоа ќе има вистинска одговорност за вистинските криминали, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на својот профил на Фејсбук.
Реакцијата на Мицкоски се однесува на информацијата која попладнево пристигна од МВР, дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани до Основно јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против градоначалникот на овој град Љ.П.(63), поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Ги пречекорил границите на своето службено овластување, така што на 6 декември 2021 година за првпат го именувал С.З. за вршител на должноста директор на СОУ „Гошо Викентиев“ Кочани и продолжил да го именува по трети и четврти пат, иако бил должен да знае дека лицето кое го именувал не го положил испитот за директор во законски утврдениот рок од една година и не ги исполнува условите за вршење на должноста“, информира МВР.