Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски на Институтот за трансфузиона медицина донираше крвна плазма.
– Многу сум среќен затоа што успеав си го исполнав ветувањето кое си го дадов уште додека се лекував, дека штом оздравам и се создадат услови, ќе дарувам крв за да дадам шанса за успешно лекување, исто како што и јас ја добив таа можност, за што сум бескрајно благодарен. Откако се изборив со инфекцијата со ковид-19 и по низата испитувања и процедури, се востанови дека ги исполнувам условите за дарување на конвалесцентна плазма. Воопшто не се двоумев и веднаш се пријавив за донирање на плазма – рече градоначалникот Георгиевски.
Тој упати и апел до сите лица кои се избориле со инфекцијата од ковид-19 да даруваат крв, за да им дадат шанса на оние кои допрва ќе поминуваат низ оваа голгота, полесно да ја пребродат.
– Сакам да порачам дека од големо значење е да сфатат сите кои се излекувале од оваа инфекција дека колку повеќе лица даруваат крв, толку повеќе наши сограѓани ќе можат полесно да се изборат со ковид-19 затоа што крвната плазма на лицата кои биле излекувани, имаат антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста, а се врзуваат за вирусот на организмот на болниот, го намалуваат неговото дејство и со тоа ја намалуваат и прогресијата на болеста. Затоа, ве охрабрувам сите кои што успеавте да се изборите со болеста, да донирате крвна плазма, затоа што нема поубаво чувство од тоа да спасите нечиј живот – посочи Георгиевски.