ГРАДИ, ДОГРАДУВАЈ И НАДГРАДУВАЈ БЕЗ КОМУНАЛИИ Аеродром воведува мерка за прв дом на младите до 35 години
Општината воведува мерка со која младите што градат, доградуваат или надградуваат свој прв дом добиваат значително финансиско олеснување
Младите во Општина Аеродром добиваат силен поттик за својата прва куќа. Општината објави нова мерка со која сите жители до 35 години кои градат, доградуваат или надградуваат свој прв дом ќе бидат целосно ослободени од делот од комуналиите што е во надлежност на локалната самоуправа.
– Со оваа мерка сакаме да ги поддржиме младите во нивниот животен чекор кон сопствен дом. Тие се иднината на нашата заедница и ова е наш начин да им овозможиме сигурност и финансиска поддршка – велат од Општина Аеродром.
Право на ослободување од комуналии ќе имаат сите млади до 35 години кои се жители на општината најмалку две години и градат објект за лични потреби. Од Општината нагласуваат дека објектот треба да се користи исклучиво за сопствено домување, најмалку десет години, а заинтересираните треба да приложат комплетна техничка документација согласно Законот за градење.
Мерката се однесува на изградба на нова куќа, доградба на постоечки станбен објект или надградба со која се создава прв дом. Оваа иницијатива е дел од стратегијата на Општина Аеродром да создаде услови за млади семејства и да ја поттикне населбата да расте и се развива.
– Аеродром е општина во која се креираат нови приказни, и сакаме младите тука да го започнат својот животен пат со сигурност и доверба во подобро утре – додаваат од Општината.
Ова решение е повеќе од финансиска олеснителна мерка, тоа е порака дека младите се приоритет и столб на локалната заедница, и дека нивната иднина е важна за развојот на општината.