ГРАДЕЖНА ФИРМА ЈА УРНИСА УЛИЦАТА 9. МАЈ, ДОБИ КАЗНА ОД 12.500 ЕВРА Соседите стравуваат дека им се поткопани куќите и зградите

Градителот веќе еднаш добил забрана за вршење градежни работи од Општина Центар, токму поради тоа што копа дупка без да направи заштитна јама за обезбедување на соседните парцели. Но, и покрај забраната, градителот ја искинал жолтата лента и продолжи да гради. Шанса за Центар бара Министерство за внатрешни работи итно да реагира и да го запре ова загрозување на општата безбедност пред да настане поголема штета или несреќа!

1,360

Пропадна во земја и уништен е дел од улицата 9. Мај зад Универзалната сала во Скопје, каде што инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот „Арадико Коп“ копаат темели за зграда, и покрај предупредувањата од јавноста, како и казните и забраната од градежната инспекција на Општина Центар.

Градителот веќе еднаш добил забрана за вршење градежни работи од Општина Центар, токму поради тоа што копал дупка без да направи заштитна јама за обезбедување на соседните парцели. Но, и покрај забраната, градителот ја искинал жолтата лента и продолжил да гради. Потоа, инспектори заедно со градоначалникот Горан Герасимовски, повторно излегле на терен и му наложиле на градителот да ги обезбеди потребните услови, па дури потоа да продолжи да гради.






Жителите на улицата се револтирани и крајно загрижени за безбедноста, со оглед на тоа што улицата, која е до половина одроната, не може да се користи и постои опасност одронувањето да продолжи. Тие стравуваат дека е можно да се наруши стабилноста на околните згради и куќи.

Граѓанската инцијатива Шанса за Центар вчера јавно побара од Министерство за внатрешни работи итно да реагира и да го запре ова загрозување на општата безбедност пред да настане поголема штета или несреќа.

„Продолжува хаосот на улицата 9. Мај каде инвеститор си гради како сака и покрај забраните. Повлекол дел од улицата, а штета веќе има и на околните објекти според фотографии кои ни ги доставија граѓани од соседните подрумски простории. Шанса за Центар бара Министерство за внатрешни работи итно да реагира и да го запре ова загрозување на општата безбедност пред да настане поголема штета или несреќа Инспекторат на Општина Центар да го запре градењето и во рамки на овластувањата да почне постапка за поништување на градежната дозвола. Овој инвеститор и градежната компанија не треба да имаат право за било какви зафати на територија на Општина Центар! Класично дивеење на поединци кога институциите се толку ослабени“ – се вели во објавата на Шанса за Центар.

Дека улицата е оштетена, а инвеститорот гради и покрај забраната, потврди со соопштение и Општина Центар.

„Градежен инспектор од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар денеска изрече пет казни на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, во вкупен износ од 12.500 евра во денарска противвредност, за небезбедното градилиште.

Ова градилиште неколку пати беше затворено од градежната инспекција, но инвеститорот на своја рака ги отстрануваше заштитните инспекциски ленти и продолжуваше со градење, не земајќи ги предвид законските одредби и решенијата од инспекцијата, соопшти Општина Центар. Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ е обврзан да постави армирано бетонски колови, тн. шипови, за обезебедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно на одобрението за градење.

Со изоставувањето на армирано бетонските колови, инвеститорот ги довел во опасност околните објекти, а вчера пропадна и дел од улицата 9. Мај, каде што се наоѓа и спорното градилиште. Оттука, постапувајќи по Законот за градење, градежниот инспектор на Општина Центар изрече вкупно пет глоби и тоа: 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност“, информираат од Општина Центар.

Поврзани содржини