ГРАДЕЖНА ИНСПЕКТОРКА УАПСЕНА ЗА МИТО ОД 4.000 ЕВРА Ги зела обележаните пари во ресторан во Куманово

Инспекторката на оштетениот прво му побарала 1.000 евра за да не му ја стопира градбата, а подоцна поткупот го покачила на 4.000 евра, соопшти СВР Куманово.

1,311

Полицијата денеска во ресторан во Куманово ја уапси градежната инспекторка Л.Т. за примање поткуп. Таа била лишена од слобода во моментот кога ги зела парите.

Овластената општинска инспекторка ја пријавил кумановец, откако таа прво му побарала 1.000, а потоа поткупот го зголемила на 4.000 евра за да не му напише дозвола за стопирање на градбата што ја градел.






„СВР Куманово во содејство со Одделот за криминалистичка полиција при МВР денеска (01.11.2024) во 13.30 часот постапи по наредба од ОЈО Куманово за расчистување на кривично дело примање поткуп од член 357 од Кривичниот закон. Во Куманово е лишена од слобода Л.Т., овластен градежен инспектор при Општина Куманово, која била затекната како прима поткуп од 4.000 евра“, соопшти полицијата.

Оштетениот пријавил дека инспекторката му побара мито на 25 септември, па на 31 октомври.

„На 25.9.2024 година граѓанин пријавил дека овластениот градежен инспектор Л.Т вршела контрола на објект што тој го градел и на записник констатирала отстапување од одобрението за градбаење. За да не му издаде решение за запирање со градење и да не му поднесе соодветна пријава до надлежното ОЈО или суд, му побарала поткуп. Најпрво сума од 1.500 евра, за на 31.10.2024 година да ја покачи сумата за поткуп на 4.000 евра“, соопшти полицијата.

По добиената пријава, известено е кумановското обвинителство и се преземени соодветни мерки.

„На оштетениот му се дадени технички обработени пари, кои тој денеска во ресторан во Куманово и ги дал на Л.Т.. Откако Л.Т. ги зела парите, била лишена од слобода од страна на полициски службеници при СВР Куманово“, соопшти кумановската полиција.

По целосно документирање на случајот, Л.Т. ќе биде изведена пред надлежен јавен обвинител при ОЈО Куманово.

 

Поврзани содржини