Град Скопје: Зошто советниците на ВМРО-ДПМНЕ не реагираа кога се трошеа пари за палми и врби и се лепеше стиропор?
Според Градот, лицемерно е и да се глуми и говори за грижата за граѓаните во овие услови на пандемија, а од друга страна да се организираат партиски собири и состаноци на кои не се носат маски и не се почитува протоколот за заштита од пандемијата.
Популизмот што го демонстира ВМРО ДПМНЕ е чиста хипокризија и доказ дека советничка група на ВМРО ДПМНЕ ниту го застапува јавниот интерес, ниту пак се грижи за граѓаните и нивните потреби, реагира Град Скопје на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ поврзано со инвестициите на Градот во износ од половина милион евра.
„Сето ова што го бараат, немаше да биде лицемерно, ако истите тие не молчеа кога безобразно и немилосрдно се трошеа стотици милиони евра, пари на граѓаните, за градење Скопје 2014. Истите тие, зошто тогаш не бараа парите од скапите палми што се исушија, да не бидат пренаменети за граѓаните, зошто тогаш не коментираа кога врбите од 250 000 евра што се садеа во Вардар се непотребни и со парите да се направи конечно нешто корисно за главниот град? Зошто не мислеа поинаку кога се градеа галиите, кога се правеа барокните фасади или кога се бетонираше и унаказуваше центарот на Скопје? Зошто тогаш не мислеа на сиромаштијата на граѓаните кога нивните сопартијци јадеа и се гоштеваа со бизони на државна сметка? Дали тогаш тие пари беа оправдани за нив и не го заслужуваа интересот на граѓаните, туку само ја задоволуваа ненаситноста на нивниот партиски врв? Дали?“, стои во реакцијата од Градот.
Според Градот, лицемерно е и да се глуми и говори за грижата за граѓаните во овие услови на пандемија, а од друга страна да се организираат партиски собири и состаноци на кои не се носат маски и не се почитува протоколот за заштита од пандемијата.
„Конечно, за разлика од владеењето на ВМРО ДПМНЕ со Град Скопје, овојпат, имаме градоначалник што се грижи и секогаш работи за потребите на своите сограѓани и без разлика колку тоа да ги боли и не им се допаѓа на советниците на ВМРО ДПМНЕ, Град Скопје ќе продолжи да го застапува и удоволува интересот на граѓаните, којшто е прв и единствен во работењето на градоначалникот Шилегов и администрацијата на Град Скопје“, се наведува во соопштението од Градот.