Името на Данило Коцевски е едно од имињата предложени на листа за дополнување на листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје, која ќе се најде пред Советот на наредната седница, вели Град Скопје откако Огнен, синот на Коцевски реагираше на Фејсбук дека градските власти не го почитуваат ликот и делото на неговиот татко.
„Имено, името на Данило Коцевски, книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург, поет и хроничар на Скопје, е дел од новата листа на предложени имиња (страница 46, реден број 250 – https://skopje.gov.mk/media/6522/spisok-na-ulici.pdf). Градот Скопје отсекогаш го ценел придонесот на Коцевски како хроничар на Скопје, а тоа се гледа во поддршката на повеќе негови проекти во минатото, како и долгогодишната соработка во организирањето на свеченостите по повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје. Тој во 2008 година е избран за член на Одборот за одбележување на 45-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, под мотото „Скопје – 45 години град на солидарноста“, додека во 2010 година Коцевски е и именуван за член на Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје“, се вели во реакцијата на Град Скопје.