Град на некултурата
Или, во конкретниот случај, сето она што наводно е неточно, манипулација и шпекулација за крајната неодговорност на градските структури во однос на исполнувањето на обврските од кандидатурата за „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“, е фактички, црно на бело, содржано во документот на Европската комисија од октомври 2024 година насловен „European Capitals of Culture 2028 Skopje – First monitoring report“.
Кога го читате оној смешен „демант“ на веќе фамознава кметовска „гарнитура“ на Скопје – којашто, патем, не смета дека мора директно да се обрати до јавноста туку тоа го прави преку полномошник – за сомнежите околу текот на нашата нова (не)културна авантура викана „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“, само одново и одново ви се потврдуваат сите тези за страотната неспособност и неодговорност (не само) на ова градско „раководство“, за нашитедетски нереални и често мегаломански фантазии – како оваа! – дека сме подготвени (и) за такви проекти коишто наложуваат врвна стручност и професионалност, знаење и организациски способности. Па дури и за некаква компетиција или содружништво со европската културата и нејзините современи текови.
И никако не сакам да кажам дека во некое друго време и со некои други луѓе ние не би биле кадарни да реализираме и такво нешто. Но сега, односно пред само една година кога (повторно) на некакви политиканти им прднало на умот да поднесат и таква кандидатура а на други да ја поддржат, во онаква криминогена „држава“ и тотално раскупусана култура, е тоа било/е рамно на културно самоубиство! Згора, кога ги читате ламентите на тогашната „министерка“ за култура (сега под кривичен прогон заради разни злоупотреби на службената должност) и на другите соучесници во тоа (не)културното злосторство викано „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“ (меѓу нив и актуелната „градоначалничка“), просто ве фаќа страв.
Зашто, овде веќе не се работи само за неспособност и незнаење што е тоа култура, што и како таа подразбира и како треба да изгледа еден град којшто сака да се кандидира за таков престижен проект, туку тоа се граничи со лудост и слични состојби, но и свесен ризик да се доведат градот и државата во таква безумна ситуација. А говори и дека не само тие туку и некои „повисоки структури“ кои ги поддржувале немаат ама баш никакви познавања не само од катастрофалните состојби во коишто се наоѓа македонската култура денес туку – уште помалку – од културните предизвици што оваа „култура“ треба да ги исполни. Да не говорам за тоталното интелектуално слепило за современите текови на европската култура, зад коишто одамна заостануваме повеќе од половина век!
И конечно, можеби како најстрашен, стои фактот дека во државава и понатаму цврсто опстојува идејата дека нештата можат да се решаваат со деманти и неуки соопштенија, дека работите што не им се допаѓаат можат вечно да се кријат и да бидат недостапни за јавноста. Зашто, како и во многу други случаи (на пр. Мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците), релевантните странски документи не се објавуваат туку ни ги прераскажуваат (ако сме добри и послушни!) како народни приказни. Или, во конкретниот случај, сето она што наводно е неточно, манипулација и шпекулација за крајната неодговорност на градските структури во однос на исполнувањето на обврските од кандидатурата за „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“, е фактички, црно на бело, содржано во документот на Европската комисија од октомври 2024 година насловен „European Capitals of Culture 2028 Skopje – First monitoring report“.
Се разбира, џокерот овде е фактот дека малкумина (или речиси никој) во јавноста нема информација дека таков документ постои и што содржи. Следствено, таа јавност мора да верува на збор на, во случајов, некаков полномошник на градската номенклатура којашто нема „три чисти“ да излезе и отворено да ги адресира проблемите. Но и решенијата, ако ги има. А – ги нема, барем така констатира цитираниот документ. И не само тоа туку во него, во тринаесет точки, се децидно набележани сите досегашни незавршени обврски и отстапувања од планираните и договорените активности.
И тој материјал не е убав за читање, ни најмалку. Бидејќи Извештајот ги „потенцира критичните области каде Скопје значително мора да го подобри исполнувањето на обврските“, „особено во создавањето висококвалитетни програми со силна европска димензија“, дека се надеваат дека „овојпат Скопје ќе ги исполни претходно артикулираните обврски“, дека „е неопходен итен пристап до сите важни информации што не биле презентирани на состанокот“, дека веб-сајтот „Скопје 2028“ мора да биде професионален и најитно апдејтиран (т.11), дека е „неопходна транспарентност низ јавната комуникација“ а „сите извештаи за напредокот да бидат достапни на јавноста“ (т.10), дека е „императивен развојот на детална стратегија за ангажманот на заедницата“ (т.8), дека „Скопје 2028 мора значително да ги засили напорите за унапредување на партнерствата низ Европа“ (т.6)… итн., итн.
И што тука не е јасно? Или некој овие нешта сака да ги чита како – пофалби?! А како пак ја чита веќе првата реченица во дискусијата по извештајот на претставникот на Скопје која вели дека „собирот изрази значителна загриженост бидејќи поднесениот извештај од градот Скопје не се придржува до деталните инструкции дадени од Европската комисија во врска со специфичната содржина неопходна за еден ECoC (Европска престолнина на културата, м.з.) извештај (…); Згора на тоа извештајот не успева да се изрази по препораките (…); Ова покренува сериозна загриженост за состојбите со подготовките за Скопје 2028 и дали Скопје ќе биде во можност да ги обезбеди високите стандарди очекувани од Европската престолнина на културата 2028 (…)“!
Па тогаш: што (и) овде не е јасно? И за какви тоа „неточни, манипулативни и шпекулативни“ нешта говори кметовската „гарнитура“ на Скопје?!
А сепак, она што навистина не е јасно е како, и зошто, Европската комисија прифатила кандидатура од еден ваков „град“? Зашто Скопје одамна не е град, не е ни европска провинција туку е само некаква балканска крчма со изгаснато светло, „град“ на некултурата или со култура на умирање, „град“ со паланечки дух, една голема спална соба без трошка европски шмек или поврзаност со современите европски текови во уметноста… Ова Скопје е и горд „град“ со најзагаден воздух во Европа (а некогаш и во светот) но со „градоначалничка“ која смета дека нема потреба да излезе пред граѓаните и да каже барем две реченици за тоа!
Што ли си мислеа оние од Европската комисија, па и овие во нивната канцеларија во Скопје кога ја прифаќаа оваа кандидатура? Или беа слепи, глуви, па и глупи, а „Скопје 2028“ треба(ше) да биде некаква утеха за сиве овие три децении лажење и мамење на граѓаните на Скопје и Македонија? Но нам таква утеха не ни треба, ние свикнавме на лажење и мамење, како и на многу други нешта. А ова е само уште една лага плус дека ние имаме нешто што во Европа се вика – култура!
Или, да го парафразирам „Мизар“: „Градот е нем на нашите прашања, градот е нем на нашите повици, не ги гледа нашите бледи лица и насмевки поладни од мраз“! Па таков „град“ ли ќе биде Европска престолнина на културата или тие сакаат да ја прикажат онаа друга страна на културата?