ГРАД НА ДИГИТАЛНИ МОЖНОСТИ Арсовска ќе му каже збогум на шалтерот

Административните услуги ќе бидат достапни електронски со едноставни постапки, без обврска за одење во општината. За граѓаните, пак, кои не користат дигитални решенија ќе биде на располагање канцеларија отворена 24 часа.

281

Граѓаните во секое време ќе можат да проверат што се случува со нивното барање, а одговор ќе добиваат во рок од 24 до 72 часа. Административните услуги ќе бидат достапни електронски со едноставни постапки, без обврска за одење во општината. Чекањето во редици и трчањето од шалтер до шалтер ќе биде минато благодарение на дигитализацијата и новата едношалтерска услуга, најави денеска кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на прес конференцијата што ја одржа пред градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

За граѓаните, пак, кои не користат дигитални решенија ќе биде на располагање канцеларија отворена 24 часа. Додека пак апликацијата ќе обезбеди и опции за пријавување дефекти во јавната инфраструктура, пријавување диви депонии или повикување општински служби и ќе биде поврзана со системот за дигитален мониторинг во сообраќајот овозможувајќи брзо детектирање на достапните места за паркирање, објасни Арсовска, додавајќи дека со ова градот ќе се трансформира во град на дигитални можности.






Арсовска најави реновирање, модернизација и реконструкција на градската библиотека, со подобрен пристап до интернет, поголема база на стручни списанија и подобрување на инвентарот. Предвидена е и нова библиотека во Аеродром, опремена со најмодерна техничко-технолошка опрема, како и нови современи читални во повеќе скопски општини.

Новиот ИТ-центар во Аеродром ќе им овозможи на повеќе од 1000 млади годишно да добијат пристап до стручни обуки во ИКТ секторот, а во рамките на надлежностите, Градот Скопје ќе ги поддржи малите и средните претпријатија во креирање дигитални решенија како што се е-трговија, развој на услуги за испорака базирани на апликации и други дигитални иновации.

Како иден градоначалник на Скопје мојата цел е граѓаните да живеат во модерна, европска метропола, што ќе значи повисок квалитет на живот, модерна инфраструктура, одржливи решенија за сообраќајните проблеми и заштита на животната средина – нагласи Арсовска.

 

Поврзани содржини