ГРАЃАНСКИОТ И УПРАВНИОТ СУД ГИ ОТФРЛИЈА ТУЖБИТЕ НА ЛЕВИЦА ПРОТИВ АВМУ Се чека одлуката на Уставниот суд за платеното политичко рекламирање

Во образложението на решението на Управниот суд е наведено дека Агенцијата во согласност со своите надлежности како јавен орган донела Упатство со кое го пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби од Изборниот законик.

478

И Граѓанскиот и Управниот суд ги отфрлија тужбите од политичката партија Левица против  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во врска со Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025, со кое партијата Левица го изгуби правото да добие време за рекламирање.

„Управниот суд на седницата одржана на 6 октомври 2025 година, донесе решение со кое ја отфрли тужбата на политичката партија Левица за поништување на Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, донесено од АВМУ. Во образложението е наведено дека Агенцијата во согласност со своите надлежности како јавен орган донела Упатство со кое го пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби од Изборниот законик. Имено, со донесеното Упатство се појаснува распределбата на времето за платено политичко рекламирање, распределба на времето во вестите кај Јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал и за обезбедување пристапност на содржините за изборниот процес“, соопшти АВМУ.






Со ова, се додава, само уште еднаш се потврдува дека Агенцијата постапува согласно законските прописи и професионално ги спроведува законските решенија.

Агенцијата вчера информираше дека и Граѓанскиот суд на 3 октомври го одби како неоснован предлогот од тужбата на Левица. Партијата од овој суд побара да издаде привремена мерка со која на АВМУ ќе ѝ се забрани до комерцијалните медиуми да го достави Упатството за радиодифузерите, а до Државната изборна комисија да го достави извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање, врз основа на кој ДИК ги распределува и исплаќа средствата за платеното рекламирање.

„Агенцијата го усвои Упатството со единствена цел да обезбеди јасни и прецизни насоки за радиодифузерите при примената на членот 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, кој ја уредува распределбата на времето за платено политичко рекламирање. Содржината на Упатството е строго условена од одредбите на Изборниот законик, кој експлицитно ги пропишува бројот на минутите за ППР, нивната распределба и субјектите меѓу кои се распределува. Агенцијата нема ниту можност, ниту овластување да излегува надвор од овие рамки, да доделува поголеми права од предвидените или да пропишува поинакви правила од оние утврдени со Законикот“, соопшти АВМУ.

Левица, се додава во соопштението, е парламентарна партија со своја пратеничка група и сигурно знае дека Изборниот законик може да се измени само во Собранието, каде пратениците можат да поднесат предлог за негова измена.

„И покрај тоа што овие факти му се добро познати на лидерот на Левица, тој упорно и намерно ги игнорира, користејќи ја секоја можна прилика за вербални напади врз Агенцијата. При тоа употребува крајно вулгарни, омаловажувачки и недолични изрази, несоодветни за јавна личност и за претставник на политичка партија. Ваквото однесување е веќе препознатлива пракса – истата стратегија на напади лидерот на Левица ја применуваше и за време на претходните избори, кога Уставниот суд ги отфрли иницијативите поднесени од него против тогашното Упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024. Без оглед на ваквите континуирани и неосновани напади, Агенцијата останува доследна на својата единствена цел – почитување и спроведување на законските решенија“, соопшти вчера АВМУ.

Претседателот на Левица Димитар Апасиев пред две недели од Уставниот суд побара да донесе итна мерка и да го стопира Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025, што го донесе АВМУ, со кои се определува времето за рекламирање на политичките партии во медиумите за време на кампањата, а според кое, Левица нема да добие време за рекламирање.

Од Уставниот суд деновиве известија дека иницијативата е стасана и дека ќе постапат согласно Актот на Уставниот суд.

Според член 75-ѓ од Изборниот законик, телевизиите и радијата можат во секој час програма максимално да емитуваат 9 и пол минути политички реклами. Од нив, 4 минути се за двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, а 4 минути се за двете најголеми парламентарни опозициски партии. Една минута реклами е наменета за партиите кои освоиле пратеници, но помалку од 5 колку што се потребни за формирање пратеничка група, а 30 секунди се наменети за партиите кои не се застапени во Парламентот.

Овој член има системска слабост и не ги предвидува партиите кои не се меѓу двете најголеми на власт или двете најголеми во опозиција. Во актуелниот пратенички состав ЗНАМ има 5 пратеници и е во власта, а Левица со 6 пратеници е во опозицијата.

Истиот принцип на поделба на минутите во ИЗ е предвиден и за рекламирањето во порталите и во весниците.

 

ЛЕВИЦА НЕМА ДА ДОБИЕ ВРЕМЕ ВО МЕДИУМИТЕ ЗА КАМПАЊАТА Апасиев бара Уставниот суд итно да го стопира Упатството за радиодифизерите

Поврзани содржини