Граѓанска иницијатива со 70.000 приврзаници за утре најави бојкот на наставата
Иницијаторите побараа од Министерството да се организира јавна расправа за предложениот закон, а нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во неговата ревизија.
Неформална група граѓани здружени на Фејсбук со иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска пред Министерсството за образование и наука побараа да се стопира постапката за донесување на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование и за утре најави бојкот на наставата.
Иницијаторите побараа од Министерството да се организира јавна расправа за предложениот закон, а нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции. Според нив, предлог-законот не ги решава проблемите што постојат во образованието и генерира нови, има и недоследности и импликации во останатите закони што се однесуваат на образованието во земјава.
– Законот не е во интерес на иднината на децата, нивното физичко и ментално здравје, развојот на нивниот потенцијал, а непосредно ќе се одрази и на здравјето на родителите, наставниците и останатите инволвирани во образовниот процес – изјави Драгана Спасевска, која рече дека е воспитувачка од Битола и мајка на три деца, а фејсбук-групата има над 70.000 приврзаници.
Таа рече дека се „гласот на родителите”, кои алармираат дека во државата има руинирани училишта без нормални услови за настава, дека секое седмо дете нема ИТ- уред и интернет и дека не се против осовременување на образованието со дигитални алатки, но тие да бидат дополнителни помагала, а печатените учебници да останат во употреба.
На прашање таа одговори дека немаат контакти со Сојузот на средношколци, кој денеска се огради од бојкот во средните училишта со реакција дека тие не се организатори и дека бојкотот за нив е беспредметен со оглед дека дигитални учебници во 2021/2022 ќе се воведуваат само во четврто одделение.
Дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат од учебната 2021/2022 година, најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет години, и во сите погорни одделенија. Учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени учебници.