Граѓаните желни за патување: Пријавени првите патници за Црна Гора
Туристичките работници очекуваат со полн капацитет да почнат да работат од јули или од август.
Ако процесот на вакцинација на населението се реализира брзо и се отворат границите кон поголем број земји, има надеж дека туризмот ќе заживее, велат туристичките работници. Нивни очекувања се дека со полн капацитет туризмот може да почне да работи од јули или од август. Граѓаните се задоволни што границите постепено се отвораат за патување, но сѐ уште не го надминале стравот од коронавирусот.
Според туристичките работници, сепак треба да се искористи и моментот на отворање на границите и да се почне со реализација на програмите за патување и привлекување странски туристи во земјава. Надеж за ова им влева фактот што само два дена по отворањето на границата на Црна Гора веќе има интерес за патување.
– Веднаш по отворањето на границата на Црна Гора ги пласиравме нашите програми за манастирот Острог и за изненадување веќе имаме интерес од граѓаните. Но, Грција на пример сѐ уште е на став дека е потребен вакцинален картон за влез што ќе го отежне патувањето на семејствата кои традиционално заедно патуваат на летување. Сега зависи од ЕУ каква одлука ќе донесе по ова прашање. Проблем е и цената на тестот за ковид-19 која е повисока и од некои наши аранжмани, па и на тоа треба да се обрне внимание, ако сакаме да овозможиме туризмот да се активира – вели Дончо Нацевски од „Арботравел“.
Агенциите, додава тој, ги имаат подготвено програмите уште во ноември и се чека само да се создадат услови за патување.
– Сега сѐ зависи од властите колку тие ќе обезбедат што поголем број граѓани да се вакцинираат и како ќе влијаат на психолошки план кај граѓаните да го надминат стравот од коронавирусот. Стравот го имаат не само ѓраѓаните кај нас, туку и во сите земји во светот. Од тоа ќе зависи и колку туристи ќе дојдат во земјава, а и колку нашите граѓани ќе патуваат во странство – додава тој.
Според него, добра можност за патување е и тоа што веќе хотелите и туроператорите годинава не бараат да се платат гаранции за резервациите, па агенциите и туристите се ослободени од помислата дека ако се влоши состојбата до патувањето ќе ги загубат парите.
– Тој страв веќе е отстранет, како за нас така и за граѓаните. Може да се резервира од сега за летото, па ако не се реализира патувањето нема никаки последици – вели Нацевски.
И граѓаните сметаат дека сега е главно да се надмине стравот од коронавирусот за да се патува.
– Вакцината дава сигурност дека ќе бидеме безбедни на патување, но мислам дека сѐ уште е неизвесно со вирусот, ќе спласне па, пак, нови повисоки бројки, па нови верзии кои се шират побрзо и згора на сѐ е многу смртоносен. Многу се исплашивме изминатата година, а стравот сѐ уште трае. Сепак, мислам дека тоа ќе се промени за неколку месеци со вакцината и ќе се сончаме некаде во странство – вели скопјанка.
Очекувањата и на домашните туристички капацитети се дека вакцинирањето и отворањето на границите ќе ги донесе повторно гостите од регионот и можеби од земјите во кои е традиција да се патува во Македонија. И годинава очекуваат домашни туристи кои изминатата година беа и сѐ уште се нивни главни гости.