ГРАЃАНИТЕ ВО БАНКИТЕ ЧУВААТ ПОВЕЌЕ ПАРИ ОД ЕДНОГОДИШЕН ДРЖАВЕН БУЏЕТ Депозитите на домаќинствата се зголемија за 20% и достигнаа 5,6 милијарди евра
Додека Народна банка се обидува да ги пренасочи граѓаните на штедење во денари, а банкарите се обидуваат да привлечат депозити, новите податоци за штедењето покажуваат дека третиот квартал од годинава завршил со негативен предзнак кај штедењето, пад од 0,2%. Падот е регистриран кај депозитите на корпоративниот сектор односно кај фирмите.
Депозитите на домаќинствата, од пандемијата досега, се зголемени за 20%. Во банките граѓаните чуваат 340 милијарди денари или 5,588 милијарди евра. Тие сѐ повеќе му веруваат на денарот, што покажува и учеството на денарските во вкупните депозити на домаќинствата кое изнесува околу 48%. Најмногу се штеди во банките, со учество на депозитите со 62%, но се вложуваат пари и во алтернативни финансиски инструменти. Ова го соопшти Народната банка на Светскиот ден на штедењето.
– Растат и долгорочните депозити на домаќинствата и во моментов се на највисокото ниво во последните десетина години. Фактот што депозитите кај банките растат, и покрај мноштвото надворешни шокови, какви што имало само еднаш во изминатите 100 години, е потврда за високата доверба којашто ја има населението во банкарскиот систем. Кон тоа придонесува и централната банка, којашто постојано се залага за јакнење на неговата отпорност – изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска по повод Светскиот ден на штедењето.
Според гувернерката, пандемијата беше двигател на насобирањето „вишок на заштеди“ кај населението, при што најголемиот дел од вишокот заштеди беше пласиран во депозити, чиешто учество во БДП во 2020 година се зголеми за 3,3 процентни поени., што е тројно повеќе од просечниот прираст во претходните неколку години, но овој тренд се стабилизира изминатите години.
– Нема сомнение дека штедењето е еден од клучните „мотори“ на економскиот раст, а во земјите во развој е важен двигател на доходовната конвергенција. Колку е повисоко домашното штедење, толку се повисоки и можностите за инвестирање – рече гувернерката.
Таа укажа дека доколку домашното штедење е помало од потребите за инвестирање, тоа ќе наметне потреба да се позајми однадвор, што пак ќе предизвика и зголемување на надворешното задолжување.
– Оттаму, нашите напори мора да се насочени кон поттикнување на домашното штедење, но и кон негово канализирање преку финансискиот систем – рече таа.
Додека Народна банка се обидува да ги пренасочи граѓаните на штедење во денари, а банкарите се обидуваат да привлечат депозити, новите податоци за штедењето покажуваат дека третиот квартал од годинава завршил со негативен предзнак кај штедењето, пад од 0,2%. Компаративните податоци на НБМ покажуваат дека годинава по втор пат се регистрира топење на депозитите, во првиот квартал -0,9% а во вториот – 1,2%, анализира „Порталб мк.“
На крајот од септември вкупната депозитна база изнесува нешто повеќе од 8,3 милијарди евра. Од нив 2,4 милијарди евра се пари на корпоративниот сектор, а 5,4 милијарди евра се депозити на домаќинствата. Вкупните штедни влогови во третиот квартал се намалени за околу 15 милиони евра и падот е регистриран кај депозитите на корпоративниот сектор односно на фирмите. На крајот на третиот квартал во споредба со вториот депозитите на фирмите се намалени за околу 33,5 милиони евра или – 1,4% при што негативен тренд има и кај денарското и девизното штедење на фирмите. Кај компаниите доминира штедењето во денари а кај домаќинствата во девизи.
Споредбената анализа на „Порталб“ направена врз основа на податоците од НБМ покажува неколку интересни трендови и состојби.
Така, 51% од вкупните штедни влогови се во денари а останатите 49% се во странска валута, со доминација на еврото. Во денари има 4,231 милијарди евра, а во девизи се 3,654 милијарди евра.
Во однос на валутната состојба на крајот на минатата година, во третиот квартал има раст кај денарското штедење. Фирмите во денари имаат 1,617 милијарди евра, за во девизи 834.009.740 евра, а домаќинствата во денари имаат 2,614 милијарди евра и 2,820 милијарди евра во девизи.
Со повеќекратното затегнување на монетарната политика со цел да се амортизира инфлацијата, односно да се одржи стабилноста на курсот на домашната валута, банките ги зголемија каматите на кредитите што предизвика и раст на каматите за депозитите. Според последните достапни информации, во август просечната камата на вкупните депозити изнесувала 1,55% додека истиот месец лани 0,69%.
Пред почетокот на инфлаторното цунами, каматите за депозитите се спуштија на многу ниско ниво. Податоците покажуваат дека од август 2020 година до февруари 2023 година каматата на вкупните кредити беше под 1%.
На крајот на септември каматните стапки кај банките изгледаа вака: за рочност од 13 месеци, за 30 000 денари промотивна камата од 3,5%. За истиот период и истиот износ во евра камата од 2,3%. За депозити во денари со рочност од 3 години и минимален износ од 2.500 евра камата од 3,5%.
Ова се само дел од понудите на банките во октомври, Месецот на штедењето. Забележливо е дека се нудат генерално повисоки камати во споредба со минатата година, но сега со акцент на каматите за штедење во денари.