ПРОТЕСТОТ НА ССМ БЕШЕ ОЧАЕН ОБИД ЗА СПАС НА СДСМ Граѓаните не го поддржаа, вели Петрушевски
Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека протестот на ССМ во саботата бил политички мотивиран и дека граѓаните него поддржале затоа што сфатиле дека настанот бил, како што вели, очаен обид за спас на лидерите на ССМ и на опозициската СДСМ.
Дебаклот на протестот организиран од СДСМ и ССМ во саботата докажа кој реално мисли и им помага на граѓаните, обвинува Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ на партиска прес-конференција.
Според Петрушевски, се работи за таканаречени синдикален протест организиран од ССМ, но технички и логистички од СДСМ. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека граѓаните не го поддржаа протестот затоа што, како што тврди, на сите им е јасно дека ова е само еден очаен обид за спас на СДСМ и политичко профилирање на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
„Протестот во саботата кој беше организиран од страна на кадрите на СДСМ уште облечени во синдикални маички, доживеа дебакл и ги делегитимира ССМ уште повеќе.
Ниту СДСМ, ниту ССМ, а уште помалку Трендафилов и неговата дружина се интересираат за работничките права, нив ги интересираат своите цели и интереси, кои ги добиваат по заслуга на работниците.
Работниците и нивните права се злоупотребени од СДСМ и ССМ, само за истите да дојдат до медиумско внимание.
Каде е ССМ, таму е СДСМ. Каде е СДСМ, таму е и ССМ. Меѓу овие две организации веќе нема разлика.
ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ ќе продолжи и натаму да ги зголемува платите и да го подобрува стандардот на граѓаните“, реагира Петруевски.