ГРАЃАНИТЕ ВЕЌЕ НЕ ТРПАТ НЕКОЈ ДА ГО ВЕЛИЧА ЗАЕВ, КОЈ ЈА РАСПРОДАДЕ МАКЕДОНИЈА Филипче да замине и да го ослободи СДСМ, бара ВМРО-ДПМНЕ
На Македонија ѝ треба силна опозиција која со конструктивни политики и со луѓе со кредибилитет, ќе биде коректор на власта, а Филипче и ова раководство на СДСМ во моментов се во политички офсајд и без никаков кредибилитет, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонските граѓани направија вистински избор, во локалните самоуправи избраа трудољубиви и чесни лица кои посветено ќе работат за подобрување на животот, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа не е вистинскиот избор само кој да ги води општините, туку тоа е вистинскиот избор за Македонија да почне да ги гради темелите кои се рушеа за седумгодишното владеење на СДСМ. Граѓаните ги препознаа досегашната работа, искрените намери и одлучност Македонија да почне да се развива, затоа и ги избраа кадрите на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.
На овие локални избори, се додава, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник, освои 54 општини и Градот Скопје.
„Овие локални избори се значајни и поради фактот што во општини како Кичево, Карпош и Струга со победата на ВМРО-ДПМНЕ се случија и историски промени. Благодарение на поддршката и довербата од граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ издвојува големи победи и во Валандово, Дојран, Брвеница, Берово, Делчево, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане и во Чучер Сандево, кои досега беа раководени од кадри на СДСМ“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и во останатите општини убедливо победија, наспроти нивните противкандидати. Со победата на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Град Скопје, граѓаните избраа работа, решавање на хаосот и реални проекти за развој на градот, додава партијата.
„Од друга страна, пак, на овие избори СДСМ доживеа уште еден огромен дебакл и сега веќе е трета партија во државата, зад Вреди, нашиот коалициски партнер. Со околу 126.000 гласа, СДСМ освоени само 6 општини и околу 230 советника. На ова ниво, до сега СДСМ никогаш не бил. Ова е јасна порака дека граѓаните се против политиките на Венко Филипче и неговиот ментор Зоран Заев. Наместо да се оградат и да се дистанцираат од него, Филипче и целото раководство на СДСМ продолжуваат да го величат ликот и делото на Заев, човек кој ја распродаде и уништи Македонија. Тоа граѓаните, не само што веќе не го трпат, туку и жестоко го казнуваат“, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.
На Македонија ѝ треба силна опозиција која со конструктивни политики и со луѓе со кредибилитет, ќе биде коректор на власта, а Филипче и ова раководство на СДСМ во моментов се во политички офсајд и без никаков кредибилитет, додава партијата.
„Затоа се потребни итни промени во раководството на СДСМ, време е Филипче да замине од политиката и да ја ослободи партијата за нови и некомпромитирани кадри“, соопшти владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ .