ГРАЃАНИТЕ СЕ КЛУЧНИ ЗА ЕФИКАСНА ЛОКАЛНА ВЛАСТ Министерот Перински е посветен на наоѓање решенија за подобар живот

Во рамки на Програмата за децентрализација и одржлив развој 2021–2026, се предвидуваат активности насочени кон млади, жени и ранливи категории, преку иновативни општински центри, акцелератори и инкубатори.

20

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, учествуваше на панел-дискусијата посветена на теми од особено значење – локална самоуправа и граѓанско учество. Во своето обраќање, тој го истакна значењето на соработката со граѓанскиот сектор како суштинска компонента на успешната децентрализација и локално управување.

– Отвореноста кон граѓанскиот сектор ја зголемува довербата и ја подобрува отчетноста, што води кон поквалитетни услуги и подобар живот за сите граѓани – нагласи Перински.






Тој посочи дека Министерството за локална самоуправа, како носител на политики за рамномерен регионален развој и унапредување на системот на локално управување е активно посветено на изнаоѓање системски решенија кои ги подобруваат условите за работа на општините, а со тоа и квалитетот на живот на граѓаните.

Перински потенцираше дека Министерството делува како партнер на општините и притоа создава услови за нивна поголема ефикасност, транспарентност и испорака на поквалитетни јавни услуги.

Со измените и дополнувањата на Законот за локалната самоуправа, посочи Перински, се предвидуваат нови механизми за одговорност пред граѓаните, како што е можноста за иницирање референдум за доверба на градоначалник, зголемена транспарентност и отчетност на општинските Совети и поголема вклученост на граѓаните во креирањето на локалните политики.

Министерот посебно ја истакна улогата на граѓанскиот сектор и во политиката за рамномерен регионален развој. Здруженијата и бизнис секторот се вклучени во Советите за развој на планските региони, а преку регионални форуми се осигурува учество и при планирањето и финансирањето проекти.

Во рамки на Програмата за децентрализација и одржлив развој 2021–2026, се предвидуваат активности насочени кон млади, жени и ранливи категории, преку иновативни општински центри, акцелератори и инкубатори.

– Ова се само дел од активностите преку кои го поттикнуваме развојот, соработката и вклученоста на граѓаните. Само преку отвореност и партнерство можеме да ги препознаеме и адресираме вистинските потреби на заедниците – истакна министерот Перински.

Поврзани содржини