ГРАЃАНИТЕ НАПЛАТИЈА 5,3 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ Штетите од неживотно осигурување ги чинеа компаниите 31,7 милиони евра
Вредноста на исплатените штети за приватно здравствено осигурување за првите пет месеци годинава пораснале за 28,5 % во однос на истиот период лани. Исплатите за каско осигурување се зголемени за 26%, а на приватното здравствено осигурување пораснале 28,5%.
Осигурениците наплатија 324,4 милиони денари (5,3 милиони евра) од осигурителните компании за медицински трошоци покриени со нивните полиси за приватно здравствено осигурување во првите 5 месеци годинава, покажуваат податоците кои осигурителите ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Осигурителните компании годинава исплатија 1,2 милиони евра повеќе пари за медицински трошоци покриени со осигурување во споредба со истиот период лани. Во зависност од видот на осигурување, премијата и осигурените суми осигурениците добиваат покритија за трошоци направени за приватни прегледи, испитувања, снимања и операции. Приватното здравствено осигурување е најпопуларен осигурителен продукт меѓу другото и затоа што се поголем број на компании го користат во нивните политики за привлекување работници, а воедно и за лојалност за вработените.
Во првите 5 месеци вредноста на исплатените штети за сите класи неживотно осигурување изнесува 31,7 милиони евра. Во однос на истиот период во 2023 година вредноста на штетите што ги исплатиле компаниите за осигурување е повисока за речиси 2 милиони евра односно за околу 7%.
Процентуално највисок раст на исплатените средства за штети покриени со осигурување има кај патничкото осигурување. За првите пет месеци осигурителите за изгубен багаж, медицински трошоци при патување во странство и други штети покриени со тоа осигурување исплатиле 700.000 евра. Тоа е за 40% повеќе од истиот период лани.
По приватното здравствено осигурување, од сите доброволни класи, најголема исплата на штети има за каско осигурени возила. За 5 месеци нивните сопственици од пријавени штети наплатиле 4,9 милиони евра. И тоа е за 26% повеќе од претходната година.
Во најголемата осигурителна класа, која воедно е и законски задолжителна, тоа е автомобилската одговорност се исплатени 16,2 милиони евра. И тоа е малку повеќе од половина од вкупно исплатените средства за штети покриени со осигурување.
Во првите 5 месеци годинава 11 осигурителни компании за неживотни осигурувања исплатиле над 58.400 штети на осигуреници.