ГРАЃАНИТЕ КОЛАБИРААТ ОД СТРАВ Од 758.000 вакцинирани само 0,03% пријавиле несакани реакции
Од министерството за здравство не добивме одговор, дали вакцинацијата продолжила со „спорната“ ампула на Фајзер. Од таму велат дека сите вакцини кои се аплицираат се безбедни. Одговор не добивме ни дали потоа е следена здравствената состојба на двете лица.
Граѓаните кои се вакцинираат на вакциналните пунктови најчесто колабираат од страв или од паника од самата вакцина. Ова е одговорот на Министерството за здравство откако на две помлади лица, на околу 30 години по вакцинација минатата недела во Поликлиниката „Јане Сандански“ им се слошило, по што на кратко била прекината вакцинацијата.
На девојка и на маж на околу 30 години им се слошило веднаш откако примиле вакцина на „Фајзер“, раскажува за Плусинфо присутен во Поликлиниката, кој дошол за ревакцинација. Според него, девојката по вакцинацијата седнала на клупа каде ѝ се слошило, по што притрчале војници кои биле распоредени на пунктовите за вакцинација. Тие ја внеле девојката во Поликлиниката, каде пак, веќе лежел 30-годишниот маж, на кого исто така му се слошило по боцкањето. Граѓаните кои биле на ред за вакцинација се вознемириле и од лекарите побарале да ја отстранат ампулата од која биле земени вакцините за двајцата на кои им се слошило.
Како што раскажува очевидецот, здравствените работници кусо по настанот ги известиле граѓаните што чекале за вакцина, дека вакцинацијата ќе паузира половина час а за тоа време тие што не биле појадувани да одат да јадат. По половина час вакцинацијата продолжила без никаков проблем.
Од Министерството за здравство не добивме одговор, дали вакцинацијата продолжила со „спорната“ ампула. Од таму велат дека сите вакцини кои се аплицираат се безбедни. Одговор не добивме ни дали потоа е следена здравствената состојба на двете лица.
Од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД велат дека од почетокот на вакцинацијата против ковид-19 па сѐ до денес, на неделно ниво им пристигнуваат по неколку пријави за сомнеж на несакана реакција од вакцините.
– По спроведена вакцинација на 758. 622 лица во нашата земја (согласно официјалните податоци објавени од Министерството за здравство), кај помалку од 0,03 отсто од извршените вакцинации е пријавен сомнеж за несакана реакција. Најчесто се пријавени несакани реакции со лесна симптоматологија како покачена телесна температура, малаксаност, главоболка, гадење, вртоглавица, болка и оток на местото на апликација и болка во мускули. Сите досега пријавени несакани реакции се опишани во упатствата за употреба на вакцините – велат од МАЛМЕД.
Од МАЛМЕД не прецизираат од која вакцина граѓаните најмногу пријавиле несакани реакции.