ГРАЃАНИТЕ ЌЕ СЕ ВОЗАТ ВО 120 ЕКО-АВТОБУСИ Владата ќе ги обезбеди, општините само нека возат
Премиерот посочи дека транспортот е втор најголем загадувач на воздухот, според анализите, и дека Владата работи на намалување на царинските давачки за увоз на еколошки возила и батериски системи, со цел да се доближат до европските стандарди.
Владата планира значајна инвестиција во зелениот јавен транспорт преку набавка на 120 електрични автобуси, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на Надзорната расправа посветена на аерозагадувањето. Возилата ќе бидат распределени низ повеќе општини, не само во Скопје, а ќе бидат придружени со соодветна инфраструктура за полнење.
– Ценам дека ова е многу важно не само за главниот град, туку и за сите општини кои имаат јавен превоз. Автобусите ќе бидат донирани од Владата пропорционално, со целосна логистика за нивно полнење – рече премиерот.
Мицкоски посочи дека транспортот е втор најголем загадувач на воздухот, според анализите, и дека Владата работи на намалување на царинските давачки за увоз на еколошки возила и батериски системи, со цел да се доближат до европските стандарди.
– Во ЕУ царината за батериски резервоари за полнење е само 2,7%, а кај нас е 15%. Тоа е огромна разлика за инвеститорите кои сакаат да придонесат за поздрава животна средина. Работиме на усогласување – истакна Мицкоски.
Дополнително, Владата започнала процес на модернизација и електрификација на железничката мрежа, вклучувајќи ја пругата од Скопје до Гостивар и изградба на втор колосек на рутата Табановце – Гевгелија (Коридор 10). Премиерот апелираше до соседните држави да покажат повеќе интерес за Коридор 8.
– Работите не можат да се завршат преку ноќ, но во овие 11 месеци се придвижија значајни процеси кои со децении стоеле – заклучи тој.