Нови ограничувања за движење во Општина Куманово, се запираат извршните дејствија на извршителите до 30 јуни, започнува постапката за авионски превоз на нашите државјани во странство, интервентна набавка на заштитни маски, ова се само неколкуте одлуки од 27 седница на Владата.
Извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен во предметите за побарувања врз основа на законска издршка, со распределба на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услов, со дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба.
Уредбата утврдува дека работодавците на должниците, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадените налози од страна на извршителите до 30 јуни.
Основните судови се должни да донесат одлуки по поднесените приговори за незаконитости при извршувањето, а Апелационите судови по поднесените жалби против решението на судот по приговор, со цел да се создадат услови за непречена распределба на средствата пристигнати на посебните сметки на извршителите.
Владата ја дополни Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на земјава со забрана за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железничкиот патнички јавен превоз.
„Согласно ова, со Одлуката за дополнување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење во општина Куманово, им се препорачува на економските оператори што имаат големи производствени и продажни капацитети на подрачјето на територијата на општина Куманово да го приспособат своето работење со редуциран број на вработени, имајќи ја предвид забраната за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железнички патнички јавен превоз или целосно да ги затворат производствените и продажните капацитети“, информира Владата.
Со оваа одлука се задолжуваат Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје да подготват посебен план со екипи за да се преземат сите потребни мерки и активности за да се спроведе поголем број на тестирања на подрачјето на територијата на општина Куманово, со цел континуирана детекција и организација на следење на состојбата со бројот на инфицирани лица од Коронавирус (COVID-19), за поефикасен третман на истите, како и да се упати стручен медицински персонал и да се обезбеди техничка помош за потребите на Општа Болница – Куманово.
Оваа одлука влегува во сила од 25 март 2020 година.
На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за организирање авионски превоз на македонски граѓани со моментален престој во странство.
Лицата ќе бидат превземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.
Лицата кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите на сметка согласно склучениот договор.
На 27-та седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за начинот на постапување со медицинскиот отпад и отпадот од лицата во самоизолација и карантин потенцијално контаминиран со COVID-19. Оваа информација Владата ќе ја достави информацијата до Главниот координативен кризен штаб на разгледување и на постапување до операторите кои постапуваат со медицински отпад.
Владата усвои Уредба со законска сила за примената на Законот за туристичката дејност за време на вонредна состојба.
Уредба со која туристичките агенции ќе издаваат ваучери во вредност на сумата уплатена за аранжманот кој бил откажан како резултат на кризата со Коронавирусот.
Со оваа мерка на туристичките агенции ќе им се овозможи да издаваат ваучери на клиентите во износ на уплатената сума којшто може да се искористи за било кое следно патување заклучно со 31.12.2021 година.
„На тој начин клиентите кои поради настанатата ситуација со кризата од Корона вирусот ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства на износот што го уплатиле, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржат финансискиот товар кој би се распределил на подолг временски период. Издавањето на Ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира со согласност од двете страни, односно Туристичката Агенција и патниците“, информира Владата.
Владата денеска усвои и Уредба со законска сила за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (covid-19) за време на вонредна состојба, според која, Законот за јавните набавки (“Сл.Весник на РМ бр.24/19) ќе се применува за време на постоење на вонредната состојба.