Граѓаните должат за струја и за парно, а Владата ќе отпишува камати кон јавни претпријатија
Граѓаните велат дека најмногу должат за струја, парно, телефон и брзи кредити, а каматите на овие сметки не се опфатени со мерката.
Владата најави дека ќе донесе мерка со која на граѓаните ќе им бидат отпишани каматите од долговите кон јавните претпријатија за вода, парно, даноци кон државата, кон станбените претпријатија, кон водостопански претпријатија… Најмалата бројка на граѓани кои ќе бидат опфатени со оваа мерка, како што е најавено, ќе биде 180.000. Јавните претпријатија сѐ уште не знаат како ќе изгледа мерката, но граѓаните имаат различен став за неа. Едни сметаат дека ваквата мерка ќе им помогне, но други дека нема да можат да го платат ниту долгот на рати бидејќи немаат приходи. Компаниите, пак, кон кои граѓаните трупаат најмногу долгови се за системско решение на проблемот.
Граѓаните велат дека најмногу должат за струја, парно, телефон и брзи кредити, а каматите на овие сметки не се опфатени со мерката. Извештаите и на извршителите говорат дека граѓаните најмногу должат за струја, парно, брзи кредити и отплата на кредити, а потоа се комуналиите и другите сметки.
– Ако имате поголем долг и досега не сте успеале да го платите и на рати значи немате приходи кои ќе можат да го покријат долгот. И намален, долгот нема да може да се плати. А знаеме каде најмногу должиме: за струја, парно, можеби и за вода и данок, но дел од компаниите кои се приватни не се опфатени со оваа мерка, барем како што слушнав. Ќе бидат само каматите на долг направен кон јавни претпријатија. Значи, нема да има голем ефект за граѓаните од оваа мерка – вели скопјанка.
Друг граѓанин, пак, смета дека е добро што ќе се бришат каматите на долговите, зашто за некои долгови за неколку години каматите неколкупати го надминале долгот.
– Се надевам дека со отплата на рати на долгот и отпишување на каматата ќе успеам да се раздолжам кон Водовод, но моите сметки кон ЕВН нема да може да ги плататм, ако Владата не се договори и со оваа компанија за отпис на каматите – вели граѓанин кој лани поради пандемијата останал без работа.
Владата најави бришење на сите камати што граѓаните ги имаат кон државните и кон општинските институции за долгови постари од три месеци под услов да го регулираат долгот што го имаат на 12 рати. Станува збор за долгови за вода, парно, даноци кон државата, кон станбените претпријатија, кон водостопански претпријатија…
Пресметките на Владата се дека со оваа мерка ќе бидат опфатени најмалку 180.000 граѓани.
– Македонија има 180.000 блокирани сметки. Тоа се 180 илјади семејства кои што не можат да функционираат нормално. Најмалку бројот на тие којшто ќе биде опфатен со оваа мерка е 180.000. Како директна помош за граѓаните ќе биде отпишувањето на каматите од долговите кон јавните претпријатија поради кои 180.000 граѓани имаат блокирани сметки – изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Компаниите кон кои граѓаните најчесто велат дека трупаат долгови, ЕВН и БЕГ, во првичната најава на Владата за отпис на каматите на долговите не се опфатени. Тие бараат системско решение на проблемот, иако и самите имаат опција граѓаните да го отплатуваат долгот на рати.
– ЕВН Македонија, како што беше случајот и во неколкуте претходни иницијативи поврзани со оваа проблематика, се залага за комплетни и систематски решенија на проблемот со заостанатите долгови. Во тој поглед, сметаме дека делумен отпис на побарувања, односно само на каматите на дел од побарувањата, нема значително да придонесе кон решавањето на проблемот со заостанатите долгови на корисниците – велат од ЕВН Македонија.
Од компанијата додаваат дека доколку има официјална одлука, за вклучување и на долгот на граѓаните за електрична енергија ќе ја разгледааат и ќе размислат за тоа. И од БЕГ со сличен став.
– Пред да излезе со официјален став БЕГ ќе ја почека одлуката на Владата за отпис на камати и долгови – велат од компанијата.
Јавните претпријатија, пак, кај кои граѓаните должат очекуваат да наплатат барем дел од заостанатиот долг, но како што велат, сѐ уште не знаат како ќе изгледа мерката и како ќе влијае на наплатата на побарувањата од граѓаните.
За ЈП „Водовод и канализација“ оваа мерка не е непозната бидејќи, како што велат, лани претпријатието организирало две акции за сервисирање на неподмирените долгови на граѓаните без пресметана камата и на одложено плаќање. Акциите следеле по извршена анализа од претпријатието.
– Нашите надлежни сектори во моментов вршат дополнителни анализи кои ни даваат јасен сигнал дека одложеното сервисирање на долгот без пресметана камата кој го имаат граѓаните, во овој момент е позитивна мерка за корисниците на нашите услуги – појаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“.
Со најавената мерка на владата, според пресметките на ЈП „Водовод и канализација“, би биле опфатени 56.000 коризници на услугите на ова претпријатија од вкупно 260.000 корисници.